(Видео) Успешно вдомени повеќе кучиња преку кампањата на „Лајка“


Како претпријатие за хуман третман и благосостојба на животни скитници од „Лајка“ се задоволни што со кампањата „Вдоми куче, вдоми љубов” мисијата на прифатилиштето на ЈП „Лајка“ добива нова димензија.

– Благодариме до сите граѓани што вдомија куче, што нè одбраа токму нас и што во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ го пронајдоа својот миленик. Заедно со нив како вистински љубители на кучиња успеавме да направиме „Вдоми куче,вдоми љубов” да стане реалност.

– Особено им благодариме на семејствата што ги вдомија кучињата Оли, Вук и Оле, кои го споделија своето позитивно искуство со вдомување на куче од нашето прифатилиште и ги отворија вратите на своите домови за нас, споделувајки дел од своето секојдневие со новите членови во семејството.  Оли, Вук и Оле веќе го најдоа својот топол дом, со истите заложби, љубов и посветеност продолжуваме да работиме во остварување на истата цел и за останатите кучиња во „Лајка“.

Град Скопје ја поддржа кампањата и вложи во реализација на оваа хумана приказна. Од идеја до реализација, со многу труд, неизбежни компромиси и работа во служба на сите граѓани и бездомни кучиња.

– Ги охрабруваме и поттикнуваме граѓаните и понатаму да бидат отворени во поглед на вдомување на бездомно куче, а оние кои веќе имаат миленик да бидат одговорни и посветени. Доколку сè уште се размислувате да вдомите миленик, вашиот избор нека биде некое од нашите прекрасни кучиња. Верувајте дека нивната единствена природа вашите животи ќе ги исполни со љубов и хармонија – велат од „Лајка“.

Порачувата заедно да ја поддржиме и понатаму кампањата “Вдоми куче, вдоми љубов”, да покажеме хуманост на дело и да ги спасиме кучињата од улица, а љубовта која ќе ја добиете за возврат нема да има граници. Секое вдомено куче, значи едно куче помалку на улица.