(Видео) Трет ден хаос во Тирана – 1.500 полицајци против демонстрантите


 

Албанската полиција употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите во центарот на Тирана, кои трет ден по ред се собираат протестирајќи против полициската бруталност.

На почетокот на протестот приведени се неколку момчиња кои на полицајците фрлале со камења и шишиња.

Најпрво демонстрантите се судрија со полицијата пред зградата во која се наоѓа кабинетот на премиерот Еди Рама, на чија адреса се упатени и критиките на демонстрантите.

Центарот на Тирана го обезбедуваат 1.500 полицајци.

Подоцна, демонстрантите и полицијата се судрија уште три пати. Протестите се организирани откако полицаец уби младо момче што не се одѕивало на повиците да застане поради кршење на полицискиот час.

И покрај забраната за собирање воведена поради пандемијата од корона вирус, стотици демонстранти се собраа пред зградата на Владата во Тирана, фрлаа камења, факели и петарди на полицијата. Тие пак одговорија со водени топови и солзавец за да ги растераат демонстрантите.

Протести денеска избија и во други градови во Албанија, поради незадоволството од тоа што полицаецот Невалдо Хајдарај пукаше и го уби 25-годишниот Клодијан Раша, затоа што ве текот на полицискиот час не застанал на повик на полицијата.

Судот во тирана денеска соопшти дека Хајдарај ќе остане во притвор додека е под истрага поради убиство и употреба на прекумерна употреба на сила.

Во претходните два дена протести, полицијата уапси 62, а обвинение е покренато против 116 лица, заради одржување протести во време на пандемија, како и за кршење на јавниот ред и мир и предизвикување пожар.

Повредени се 21 полицаец и четворица демонстранти.

Протестите доведоа до тензии меѓу социјалистичката влада и главната опозициска партија на десниот центар Демократската партија, која побара оставка на премиерот Еди Рама.

Рама, пак, ја обвини опозицијата за поттикнување насилни протести. Вчера и министерот за внатрешни работи поднесе оставка.