(ВИДЕО) Тотенхем убедлив против Звезда, Динамо испушти победа и прими два гола во последните минути


Со вечерашните натпревари во терминот од 21 часот се комплетираше четвртото коло во групната фаза од Лигата на шампионите.

Во недостиг на вистински дерби пресметки, вниманието на регионот беше насочено кон Загреб и Белград, каде Динамо го пречека Шахтјор во битка за место во нокаут фазата од ЛШ, додека Црвена Звезда го пречека европскиот вицепрвак Тотенхем.

Динамо Загреб имаше одлична шанса да му побегне на директниот ривал за второто место во групата, екипата на Шахтјор Доњецк, но „Модрите“ прокоцкаа колосална прилика за победа. Гостите од Украина дојдоа до водство во 12. минута преку Алан Патрик, но Петковиќ во 25. минута го израмни резултатот на 2:1.

Шахтјор во второто полувреме беше можеби за нијанса подобар противник, но мрежите мируваа се до последните десетина минути од мечот. Потоа следуваше вистинско лудило на „Максимир“. Во 74. минута Динамо остана со играч помалку, а само пет минути подоцна силите беа израмнети, откако и Марлос доби црвен картон кај Шахтјор. Иванушец се погрижи за делириум на трибините со гол во 83. минута за водство на Динамо, а во 89. минута нашиот Аријан Адеми стрелаше за 3:1 и се чинеше дека Динамо е на прагот да дојде до победа и со тоа да се доближи до нокаут фазата од ЛШ.

Но, гостите не мислеа така. Најпрво Мораеш во третата минута од судиското надополнување намали на 3:2, а во 97. минута Тете со гол од пенал ги постави конечните 3:3 за огромна тага на трибините на „Максимир“ и спас за Шахтјор кој се надева дека до крајот ќе успее да се избори за второто место во групата.

Во Белград, Црвена Звезда доживеа нов убедлив пораз од Тотенхем, овојпат со 4:0. Српскиот шампион тргна агресивно од самиот старт, но Тотенхем наскоро ја презеде контролата врз мечот и го притискаше домаќинот. Сепак, Црвена Звезда ја имаше првата стопроцентна шанса на натпреварот, кога Павков излезе очи во очи со гостинскиот голман, но Газанига со нозете му го одбрани ударот на српскиот напаѓач и спречи водство на домаќините.

Казната пристигна во 34. минута кога по еден карамбол кога најпрво Кејн ја погоди стативата, топката се одби до еден од играчите на Тотенхем кој ја погоди пречката, а фудбалерите на Звезда повторно не успеаја да ја исфрлат, па Ло Селсо ја затресе мрежата за водство на гостите.

Слична ситуација беше видена и на спротивната страна, кога најпрво стативата, па пречката во иста акција го спаси Тотенхем. До крајот, европскиот вицепрвак рутински ја заврши работата. Сон во 57 и 61 минута постигна два гола за 0:3, а конечниот резултат го постави Ериксен во 85. минута.

Баер Леверкузен го пречека Атлетико Мадрид и успеа да дојде до важна победа со 2:1. Домаќините поведоа со автоголот на Томас Партеј во 41. минута, а во 55. минута Фоланд стрелаше за 2:0. Мората во 94. минута успеа само да го ублажи поразот.

ПСЖ во Париз го пречека Клуб Бриж и славеше со минимални 1:0 благодарение на погодокот на Мауро Икарди во 22. минута. Гостите одиграа храбро, напаѓаа, се обидуваа да дојдат до погодок кој би им ги зголемил шансите за пролет во Европа, но најсериозната шанса ја испушти Диањ во 76. минута кога промаши пенал.

Интересно беше и на „Сан Сиро“ каде Аталанта го пречека Манчестер Сити. „Граѓаните“ беа подобар противник во првото полувреме, а стартната иницијатива ја крунисаа веќе во 7. минута кога Стерлинг постигна погодок. Шанса да го реши натпреварот испушти Габриел Жезус кој катастрофално го изведе пеналот во 43. минута. По ова, започнаа проблемите за Сити. Најпрво на полувремето голманот Едерсон мораше да го напушти теренот поради повреда, а на негово место влезе Клаудио Браво, а веќе по три минути игра во вториот дел Пашалиќ постигна гол за 1:1.

По ова Сити се загуби на теренот, не можеше да ја воспостави својата препознатлива доминантна игра, Аталанта сериозно се закануваше, а при еден противнапад, Клаудио Браво направи прекршок надвор од својот шестнаесетник и тоа значеше директен црвен картон, по што Сити остана без уште еден голман. Тогаш настана и комична ситуација бидејќи Пеп Гвардиола одлучи да повлече играч од теренот и да го внесе Кајл Вокер кој е десен бек, како голман, но не можеше да влезе во игра, веројатно поради проблеми со опремата, но на крајот застана меѓу стативите и веднаш имаше успешна интервенција. До крајот, Аталанта притискаше за да дојде до победа, но Сити ја зачува топката и успеа да освои бод.

Реал во Мадрид го пречека Галатасарај и го декласираше со 6:0. Јунак на „Кралевите“ беше младиот Бразилец Родриго кој постигна хет-трик на натпреварот.

Родриго го отвори резултатот веќе во 4. минута по асистенција на Марсело, а двајцата играчи, повторно во истата улога, беа заслужни за вториот гол. Веќе во 14. минута резултатот беше 3:0, а стрелец беше Серхио Рамос од пенал.

До крајот на првото полувреме во листата на стрелците се запиша и Карим Бензема со гол во 45. минута.

Истиот играч зголеми на 5:0 во 81. минута, а Родриго го комплетираше својот хет-трик по самото истекување на втората минута од судиското надополнување за конечни 6:0.