(Видео) Тепачка во парламентот во Хонг Конг, има и повредени


Голема тепачка изби во парламентот на Хонг Конг поради планираните законски измени според кои на осомничените ќе им се суди во матична Кина.

Тензиите ескалираа веднаш на почетокот на заседавањето, а политичарите почнаа да пцујат и да скокаат на масите обидувајќи се да го дофатат микрофонот.

Неколку пратеници се повредени, а еден е префрлен во болница.

Критичарите сметаат дека измените на законот за екстрадиција претставуваат удар на слободата на Хонг Конг.

Но, властите тврдат дека измените се неопходни за да се испорача осомничен за убиство во Тајван.

Во рамки на политиката „една земја, два система“, Хонг Конг има одвоен правен систем од матичната Кина.

Пекинг во 1997 година ја врати контролата над Хонг Конг, некогашна британска колонија, со услов дека на оваа територија ќе ѝ се даде поголема автономија, освен по прашањата за надворешна политика и одбрана.