(ВИДЕО) Тамара ја отпеа македонската химна во Амбасадата на САД без Гоце Делчев


На синоќешната прослава на националниот празник 4 јули – Денот на независноста на САД во американската амбасада во Скопје, покрај онаа на земјата-славеник, беше изведувана и химната на Македонија, но без строфата каде што се споменува Гоце Делчев и другите национални херои.
Тамара Тодевска во својот настап, засега од необјасниви причини, го испушти тој дел од химната, по што следеа коментари дека ваквиот потег се должи на спорот со Бугарија, односно помеѓу комисиите составени од историчари за идентитетот на Гоце Делчев.
Вчера во дипломатското претставништво на САД на Кале се одржа прием по повод 4 Јули, Денот на независноста на САД, на кој присуствуваа голем број гости, меѓу кои беа и претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, претставници на Владата, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, претставници на дипломатскиот кор, бизнисмени и други.
„За повеќе од три години служба во Северна Македонија, видов дека се повеќе граѓаните на оваа земја зборуваат гласно, кога бараат властите да работат за народот и кога гласно ги отфрлаат оние кои ја злоупотребуваат службата и крадат од луѓето. Овие три години беа период на динамични промени во Северна македонија, позитивни промени што цврсто не поставија на патот на стабилност и просперитет. Но, демократијата никогаш не е завршен процес и секогаш има повеќе да се сработи ЗА граѓаните“, рече во својот говор вршителот на должност амбасадор Микаела Швајцер Блум.
Таа додаде дека повеќе од 25 години граѓаните на Северна Македонија сакаат да ја видат земјата како го зазема своето место во западните институции, а таа желба порача, ќе стане реалност оваа година.
„САД со нетрпение очекува во наредните месеци, да и посакаат добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО“, рече Блум, и додаде дека го поддржуваат почеток на пристапни преговори со ЕУ.
Следната недела се очекува доаѓањето на новата амбасадорка на САД во земјава, Кејт Марие Бурнс.
Реакции за македонската химна имаше и од македонските здуженија во дијаспората, а особено од  Македонците од Бугарија и од Обединетата македонска дијаспора, која повика итно  објаснување и извинување од страна на aмбасадата на САД во Скопје.

Македонската химна има претрпено неколку измени од нејзиното појавување до денес.