(Видео) Тајсон удира како некогаш, на ривалите во рингот нема да им биде лесно


Иако последниот бокс меч го имаше во 2005 година, Мајк Тајсон (53) може да се врати во рингот по 15 години. Тој тренира напорно за да може да издржи четири рунди во борба која ќе биде за добротворни цели.

Овој боксер, кој според многумина заедно со Мохамед Али е еден од најдобрите на сите времиња, навистина ќе стапне повторно во рингот. Се разбира, со 53 бурни години зад себе нереално е да се очекува да се натпреварува во класичен натпревар, но „Железниот Мајк“ сепак, изгледа импресивно.

Поранешниот кошаркар во НБА, а сега аналитичар, Рекс Чепман, го коментираше видео клипот што се појави на социјалните мрежи велејќи:

„Јас не би бил соперник ниту на 23-годишниот Тајсон, а ниту на 53-годишниот… или дури и кога ќе има 83 години“.

Мајк Тајсон во кариерата победи во своите први 37 професионални настапи (од што 33 пати со нокаут) и ја одбрани титулата светски шампион девет пати во периодот од 1987 до 1989 година, пред шокантно да загуби од Бастер Даглас во 1990 година.

„Сакам да се вратам во форма за да можам да боксирам три, четири егзибициски рунди за да им помогнам на бездомниците и на оние кои се борат со последиците од земањето дрога, како мене“, рече Тајсон минатата недела.