(ВИДЕО) Судири во САД откако полицаец угуши Афроамериканец


Полицијата во Минеаполис употреби солзавец за време на судирите со неколку стотици граѓани кои протестираа поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд.

Тој почина во понеделникот за време на полициско апсење во тој град.

Граѓаните се собраа на улицата каде што почина Флојд и за време на протестната прошетка до Третата полициска станица, неколкумина ги оштетиле прозорците на таа зграда, цртале графити и оштетиле едно патролно возило – поради што полицијата употребила солзавец за разбивање на демонстрациите.

На собирот на граѓаните му претходеше соопштението дека четворица полицајци вклучени во апсењето на Џорџ Флојд, кој почина во полицискиот притвор, биле отпуштени од работа.

Случајот го привлече вниманието на јавноста, бидејќи очевидците снимија и објавуваа на социјалните мрежи видео од интервенцијата, на кое се гледа како полицаец – белец, како му клече на врат на осомничениот маж – црнец, додека лицето го предупредува дека не може да дише, пренесува „Гласот на Америка“.