(Видео) Струмица блокирана од земјоделците, дојдоа со нивните деца – бараат реални откупни цени за пиперката „ајварка“
И денеска земјоделци од Струмичко со земјоделска механизација се собраа во центарот на градот да го искажат незадоволството од откупните цени кои не ги покриваат ни производствените трошоци
СТРУМИЦА- Струмица и денеска е блокирана од големиот протест на земјоделците производители на пиперката – куртовска капија, кои дојдоа со нивните деца. Голем е револтот кај производителите од ниската откупна цена на пиперката за само 25 денари од килограм.
И денеска земјоделци од Струмичко со земјоделска механизација се собраа во центарот на градот да го искажат незадоволството од откупните цени кои не ги покриваат ни производствените трошоци. Земјоделците се собраа пред подрачната единица на Министерството за земјоделие во Струмица.
Деца носеа транспаренти со пораки – „Мама’с не ставајте сол во ајварот нашата пот е доволна“, „Колку е откупот на чушки во Дубаи“, „Дајте цена на пиперот да остарам на дедовото огниште“.
Протестите на струмичките земјоделци започнаа од минатата недела.
Протестот беше во организација на Здружението на земјоделци „Месно здружение на млади Муртино” кое објави дека ќе има мало зголемување на откупните цени на пиперката – куртовска капија, но дека протестите ќе продолжат се до исполнување на нивните барања.
„Добивме информација директно од министерот за земјоделие Борче Серафимовски, кој по неколку одржани состаноци со фабриките, предложено е мало (минорно) зголемување на откупните цени на куртовската капија. На добар пат сме, но не сме задоволни со цени што само едвај ќе нè одржуваат во живот. Нам ни се потребни фер, реални и перспективни откупни цени што ќе ни овозможат, покривање на производствените трошоци, услови за навремено вложување во следната производствена сезона и достоинствен живот“, наведуваат организаторите со напомена дека „блокадите ќе продолжат се додека не постигнеме официјален договор за перспективни откупни цени кои што ги заслужуваме.“
Организаторите порачуваат дека овој протест не е партиски и како што велат се оградуваат од секаков вид на содржани извадени од контекст за партиски цели.

Според последната информација од министерот за земјоделство Борче Серафимовски, кој оствари одделни средби со производители и откупувачи во Струмица наведува дека во разговорот со откупувачите биле отворени прашањата за тековната динамика на откупот, цените според класата и намената на производот, количините што можат да бидат преземени, извозните можности и навремената исплата кон производителите на пиперка.
„Цената ја определуваат пазарните услови, но начинот на кој се одвива откупот мора да биде законски, транспарентен и предвидлив. Улогата на Министерството за земјоделство е да ги сослуша аргументите на сите страни, да обезбеди почитување на правилата и да придонесе за откуп на пиперката што ќе го вреднува трудот на земјоделците и ќе овозможи непречен пласман“, истакна министерот Серафимовски.
Според него Државниот инспекторат за земјоделство продолжува со секојдневните контроли на откупните пунктови. Се проверуваат условите за вршење откуп, јавното истакнување на цените, класификацијата на производите, исправноста на мерните инструменти и уредноста на документацијата. За секоја утврдена неправилност за која постои законска основа ќе бидат преземени соодветни мерки.
Според најавите од МЗШВ во текот на оваа работна недела министерот Серафимовски ќе се сретне и со сопствениците на преработувачките капацитети, со кои ќе разговара за расположливите капацитети, планираните количини за откуп и можностите за пласман на годинашната реколта на пиперката.