(Видео) Пендаровски: Нема да има печатење пари


Претседателот Стево Пендаровски, по седницата на Советот за безбедност на која беа поканети и министри од економскиот ресор, изјави дека главна тема била вонредната состојба што ја воведе на 18 март и обврската на Владата, која сега ја има целата власт,  детално да извести за мерките што ги презема. На состанокот не присуствувал иако бил поканет техничкиот министер од ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев од здравствени причини.

Заклучокот бил дека треба да им се оддаде признание на сите служби кои деноноќно работат на спречувањето на епидемијата. Притоа, биле разгледувани различните аспекти на кризата и за нив реферирале соодветните функционери. Преставниците на економскиот тим информирале исто така за состојбата на буџетот, за сценаријата за наредните квартали и за последниот сет на економски мерки што беше промовиран денес.

-Советот заклучи дека ситуацијата останува сложена.Заклучивме дека досега имаме адекватна поставеност на државата  и ефективна соработка меѓу надлежните служби, стриктно спроведување на препораките на СЗО и, со мали исклучоци, навистина одговорно однесување на нашите граѓани, рече Пендаровски.

Тој додаде дека со затворањето на границите директно страда економијата и дека во оваа смисла ни претстои тежок период во кој ќе бидат потребни серија мерки за да се намалат колку што може штетите на државата.

-Потребна ни е мобилизација на сите економски капацитети на државата и прибегнување кон најрадикалните мерки само во крајна нужда и со определен рок, рече Пендаровски.

Тој сепак ја отфрли  можноста да дојде до печатење пари, нешто на што, како што посочи, не помислуваат ни другите држави во Европа.

-Печатењето пари апсолутно не е опција во овој момент. Ние се разбира не сме идеални  во економскиот дел, но сме далеку од размислување за катастрофални сценарија. Тоа не би требало да биде варијатнта во било кои сценарија и не гледам дека и други држави се подготвени тоа да го применат, рече Пендаровски.

Пендаровски притоа најави дека до истекувањето на вонредната состојба ќе свика најмалку уште една седница на Советот за безбедност, за да пред евентуалното донесување на одлуката за нејзино продолжување биде презентирана целокупната ситуација. со сите витални параметри неопходни за носење одлука. Запрашан што би направил ако одлуката треба да ја донесе сега, Пендаровски рече:

-Ако денес изминуваат 30-те дена, а треба на 16 април, и ако денес треба да донесам одлука, таа сигурно ќе биде продолжена за 30 дена. Но, да ги почекаме индикаторите.

Тој нагласи дека тешките денови се уште не се зад нас и апелираше сите да  бидеме смирени, рационални, одговорни и солидарни. почитувајќи ги препораките за останување дома.

-Немам никакви дилеми дека со заеднички напори сигурно ќе ја победиме епидемијата, порача претседателот.

Околу барањата и предлозите да се воведе 24-часовен полициски час, Пендаровски рече дека таква мерка воопшто не се разгледува, бидејќи оценката е дека во овој момент нема потреба од поригорозно ограничување на движењето на граѓаните. Според оценката, со овие мерки што се на сила сега се постигнати задоволителни резултати, па и ако се направи споредба на  статистичките показатели се гледа дека во однос на заразените, починатите и тестираните не сме под нивото на членките на ЕУ во позитивна смисла, а во некои параметри сме и понапред во однос на земјите од нашето опкружување.

Запрашан за платите на јавната администрација, Пендаровски рече дека се согласува  со последниот сет на мерки со кој на сите функционери,  почнувајќи  од него лично, им е намалена платата до минималната од 14.500 денари..

-Таа мерка е праведно распоредување на товарот од кризата. Не беше добра претходната мерка со која од највисокиот функционер во државата па до последниот административец да примаат минимална плата.  Добро е ние што имаме повисоки плати од републичкиот просек да поднесеме поголем дел од товарот. Околу тоа дали е подготвен целосно да се откаже од платата додека трае пандемијата Пенрадовски одговори потврдо, ако Владата како што рече донесе таква мерка.

Околу респираторите што треба да дојдат од Кина, Пендаровски соопшти дека постои проблем.

-Нашата пријателска Турција воведе ембарго на било каков извоз на респиратори иако тоа беше норвешка донација која беше пред самата реализација. Јас сум во дневна комуникација со кабинетот на турскиот претседател. До овој момент немаме решение за овој проблем, но се надевам дека ќе наидеме на разбирање кај турските пријатели,  бидејќи за Турција тоа не е голема бројка, рече претседателот.