(Видео) Снегот прави проблеми на Стража, одрони кај Катланово

Внимателно движење и на автопатот Скопје-Велес, кај Катланово, препорачуваат од ЦУК


Обилни врнежи од снег прават проблеми на патот Гостивар- Маврово-Стража-Кичево. Поради тоа има забрана за движење на тешки товарни возила.  Внимателно движење и на автопатот Скопје-Велес, кај Катланово, препорачуваат од ЦУК, заради одрони.

ЦУК информира дека од ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта известуваат дека поради обилни врнежи од снег патниот правец Гостивар- Маврово-Стража-Кичево од 12:40 часот е во прекин за тешки товарни возила.

 

Регионалниот ЦУК – Скопје, известува дека треба да се вози внимателно на патниот правец Скопје-Велес, бидејќи добиле пријава од граѓани за одрони долж клисурата на патниот правец Скопје-Велес почнувајќи од с.Катланово. За настанатата состојба известени се јавните претпријатија за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта кои известија дека ќе пратат камион за расчистување на одроните.

 Во областите Голо Брдо и Гора, Република Албанија, населени со Македонци, снегот кој паѓа со несмален интензитет, како и во другите делови на земјата, пред сè во северниот и северисточниот дел, почна да ги предизвикува првите проблеми.

Според албанските надлежни служби во Гора, каде снежната покривка е 20 сантиметри, освен потешкотииите во одвивањето на сообраќајот, има прекин во снабдувањето со електрична енергија.

Поради искинати проводници без струја се неколку села меѓу кои и најголемите, Шиштевац и Топојан.

Поради остатоци од кашест снег на автопатот „Патот на Арбр“ (Руга е Арбрит) преминот „Блато“ кај Дебар до Тирана, албанската полиција препорачува внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација.