(Видео) Снег во Јужна Африка, поплави во САД, жештини во Европа… времето станува се поекстремно


Жителите на најголемиот град во Јужна Африка, Јоханесбург, беа изненадени од првиот снег по 11 години, а некои деца за прв пат видоа снег. Истовремено, на другиот крај на светот, во делови на Северна Америка, врнежите предизвикаа порои кои носеа се пред себе, а во Европа жештините го вклучија алармот. Сето ова зборува дека временските услови на планетата стануваат се поекстремни.

Во делови од Јужна Африка снег редовно паѓа во зимските месеци, кои на јужната хемисфера се од јуни до август, а во Јоханесбург снег последен пат падна во август 2012 година, објави Гардијан.

На социјалните мрежи жителите на Јоханесбург го опишаа снегот што падна во понеделникот како „чиста магија“ и „прекрасен почеток на неделата“.

Јужно од градот во Бракенхерст, снимател на Ројтерс видел деца како прават снежни топки и снежни ангели во теренот на едно училиште.

Џенифер Фичет, професорка по физичка географија на Универзитетот во Витвотерсранд, за јужноафриканскиот весник „Тајмс“ изјавила дека е малку веројатно дека снегот ќе потрае и дека е предизвикан од зголемувањето на влажноста, ниските температури и студениот ветер.

Последен пат во Јоханесбург падна снег во 2012 година, а претходно во 2007 година.

Снег во Јоханесбург паѓа во просек на секои пет години, а снег тежок како во понеделник се забележува на секои 10 до 20 години, изјави професорот по климатологија на Универзитетот во Витвотерсранд, Франсоа Енгелбрехт.

Временски проблеми на другата страна на светот. Средината на јули им донесе на Американците нови борби со поплавите. Водните порои се претворија во водопади и однесоа се пред себе. Сè уште се пресметува обемот на штетите. Некои градови се уште се под вода.

Во Европа пак, се случува нешто друго. Високите температури не им се допаѓаат ниту на туристите. На повидок нема дожд, а живата на термометарот во Шпанија се искачи на 44 степени Целзиусови. Причините поврзани со топлината однесоа повеќе од 60.000 животи во Европа. Екстремните услови не попуштаат ниту оваа сезона, а се уште не е ниту средина на летото.