(Видео) Шутаров: Итни мерки за заштита од загадувањето, сите советници да ги поддржат


Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, денеска ја поднесе иницијативата за одржување вонредна седница на Советот за загадувањето на воздухот во главниот град. Оваа инцијатива, според Гордан Шутаров, советник во Советот на Град Скопје, со советнички потписи, е поддржана и од советниците од политичките партии ЛДП и ДОМ.

„Ги повикуваме сите советници, особено советниците од ВМРО-ДПМНЕ како најмногубројна советничка група, да дадат поддршка на оваа иницијатива во интерес на скопјани. Претседателот на Советот, Трајко Славевски да ја прифати иницијативата и да закаже седница што побргу имајќи ја предвид итноста на ситуацијата“, нагласи Шутаров.

Советничката група на СДСМ, дополни тој, има дополнителни предлог-мерки, кои ќе влијаат на намалување на загадувањето и кои треба што побргу да се усвојат.

1. Итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз;

2. Воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје;

3. Итна пренамена на пари во буџетот на Град Скопје за зголемување на средствата за борба против загадувањето;

4. Финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенти (замена на котлите во системот на затоплување);

5. Подготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје;

6. Чистење на улиците и јавните површини со помош на цистерни;

7. Безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност“, додаде Шутаров.

Ги повика сите советнички групи во Советот на Град Скопје да ја поддржат иницијативата и заедно, како што рече, да се донесат клучните мерки и да се придонесе кон намалување на загаденоста на воздухот.

„ВМРО-ДПМНЕ, наместо да тера инает, да ѝ се приклучи на оваа иницијатива. Ова не е време за политика, туку за дејствување. Мерките против загадувањето на воздухот се од значење за сите граѓани на Скопје“, истакна Шутаров.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, сметаат дека Шутаров овие барања со кои трет ден парадира СДСМ требаше да му ги пренесат на Ковачевски кој како тема можеше да ги отвори на една од тајните средби со Арсовска каде наместо тендери во четири очи можат да прифатат пакет мерки за почист воздух.

Сметаат дека СДСМ седум години ја има централната власт, а полумерките на советникот Шутаров нема да сменат ништо и се чист популизам.

„Никој во Скопје не верува дека почист воздух ќе има ако се обезбеди бесплатен превоз во ЈСП, или еднократно се доделат пари под ставката животна средина. Со ваквите полумерки само СДСМ и Шутаров отвораат пат за нови субвенции кои Градот треба да ги додели на директорот на ЈСП кој доаѓа директно од штабот на СДС“, велат опозиционерите.