(Видео) „Сè уште победува“ – Коби Брајант и официјално во Куќата на славните


Со осуммесечно доцнење поради пандемијата, генерацијата 2020 година, можеби најголемата во историјата, синоќа конечно беше примена во Кошаркарската куќа на славните на церемонијата во Спрингфилд.
Нејзини предводници беа три легенди кои доминираа на НБА-терените од средината на 90-тите до средината на минатата деценија – Кевин Гарнет, Тим Данкан и покојниот Коби Брајант.

Во вечер полна со емоции, најголемите останаа за крај, кога на сцената се појави Ванеса Брајант, во друштво на идолот на Коби и ментор Мајкл Џордан.

„Отсекогаш избегнував да го фалам сопругот јавно затоа што мислам дека доби доволно од обожавателите и некој мораше да го враќа во реалноста. Сигурна сум дека сега се смее на небото затоа што ќе го пофалам во јавноста за неговите достигнувања на една од најпознатите јавни сцени. Тој сè уште победува”, со шега го започна Ванеса својот 13-минутен говор, додека Џордан застана покрај неа, борејќи се да ги задржи солзите.

Таа се присети на тоа како Коби научи да игра и да шутира со левата рака во средината на сезоната кога го повреди десниот прст, како погоди две слободни фрлања со искината Ахилова тетива пред да го напушти теренот без ничија помош, и никогаш не сакаше да пропушти натпревар заради навивачите кои штедеа пари за билет за да го гледаат во живо токму на тој натпревар.

Таа потсети на неговата мантра дека сака да биде секој ден подобар отколку што беше претходниот ден и дека меѓу многуте неверојатни кошаркарски достигнувања по завршувањето на кариерата, тој стана првиот спортист што освоил Оскар. Повеќе од сè, таа го пофали како неверојатен семеен човек, сопруг и татко на нивните ќерки Наталија, Џијана, која почина со него во хеликоптерската несреќа, Бјанка и Капри.

„Драг Коби, ти благодарам што беше најдобриот сопруг и татко што можеше да бидеш. Ти благодарам што растеше и учеше од своите грешки. Ти благодарам што секогаш се обидуваше да бидеш подобар”.

Таа го заврши својот емотивен, силен и достоинствен говор со сеќавање на една од неговите реченици.

„Тој еднаш ми рече: Ако се обложуваш на некого, обложувај се на себе. Среќен сум што се обложи на себе. Го стори тоа. Ти си во Куќата на славните. Ти си вистински шампион, не само МВП, туку великан на сите времиња. Јас сум многу горда на тебе. Те сакам секогаш и засекогаш, Коби Бин Брајант “.

Пред Коби, на беше промовиран Тим Данкан, најдобриот крилен центар на сите времиња, кој беше придружуван од поранешниот соиграч Дејвид Робинсон. Данкан отсекогаш бил перципиран во јавноста како тивко и мирно момче кое не зборува многу, но затоа ги надокнади сите зборови што не успеа да ги изговори јавно за време на неговата 20-годишна величествена кариера синоќа на сцената во Спрингфилд.

„Ќе се обидам да го преживеам ова, никогаш не сум бил понервозен во животот“, рече Данкан пред 12-минутниот монолог во кој тој остана верен на сликата што го придружуваше за време на неговите денови на играње – скромен. Тој ги пофали сите луѓе кои оставија трага во неговата кариера, потсети на почетоците и префрлувањето од пливање на кошарка откако ураганот го уништи единствениот базен на неговиот остров и сплет на околности што доведоа до негово заминување на Универзитетот Вејк Форест. За крај го остави легендарниот тренер Грег Попович.

„Не сакам да зборувам за него, бидејќи тој ќе се налути на мене. Извини, Поп … Кога ме драфтираше, дојде на мојот остров, седна со моите пријатели и семејството, разговараше со татко ми… Мислев дека сето тоа е нормално. Но, не е. Ти си исклучителна личност. Ти благодарам што ме научи за кошарката, но над сè што ме научи дека кошарката не е најважна. лагодарам што си толку неверојатно човечко суштество“, му рече Данкан на тренерската икона.

Коби Брајант и Тим Данкан ќе останат запаметени како дел од друштвото на десетте најдобри кошаркари на сите времиња, а блиску од нив е и Кевин Гарнет.

Покрај нив, во Куќата на славните беа примени тренерите Руди Томјанович и Еди Сатон, кошаркарката Тамика Катчингс, тренерите Ким Мулки и Барбара Стивенс и покојниот долгогодишен генерален секретар на ФИБА, Патрик Бауман.

Имињата на припадниците на генерацијата 2021 година, кои ќе бидат внесени во Куќата на славните во септември, ќе бидат објавени денес.