(Видео) Се урна висечки мост во Индија, загинаа најмалку 132 луѓе


Бројот загинати при уривањето на мостот во сојузната индиска држава Гуџарат се зголеми на 132 луѓе, соопшти во понеделникот локален функционер.

Пешачкиот висечки мост на реката Махчу во градот Морби беше полн со посетители кога се урна во текот на вчерашниот ден. Повеќе од 500 луѓе, многумина од нив жени и деца, биле на и околу мостот за време на несреќата.

Припадниците на вооружените сили заедно со националните тимови за справување со катастрофи и итни случаи од блиските области, се во потрага по исчезнати лица и помагаат во операциите за спасување.

Мостот привлекува многу посетители во текот на хундуистичката празнична сезона, кога се слават Дивали и Чатх Пуџа.

Историскиот мост долг 230 метри е изграден пред 140 години, за време на британското колонијално владеење во XIX век. Бил затворен за премин неколку години а седум месеци траела последната реконструкција а бил пуштен во функција пред само четири дена.

„Реновирањето заврши минатата седмица. Ние сме, исто така, шокирани. Ја разгледуваме работата… Владата ја презема одговорноста за оваа трагедија“, рече Бријеш Мерја, министер за труд и вработување на Гуџарат за NDTV.

„Премиерот Нарендра Моди разговараше со главниот министер. Сите највисоки владини претставници се на терен“, додаде тој.