(Видео) Се отстрануваат реклами за повеќе место за пешаци и велосипедисти


Градот Скопје почнува акција за ослободување на јавниот простор во време на корона и се придружува на семејството европски и светски градови кои за време на пандемијата ослободија големи простори за потребите на пешаците и на велосипедистите, за подобар проток на воздух во урбаната средина и за повеќе зеленило. Со оваа акција, во наредниот период од јавните површини во Скопје ќе бидат отстранети 240 рекламни објекти – билборди и ситилајти.

– Продолжуваме со интензивното ослободување на јавните простори во Скопје со цел да обезбедиме повеќе простор за пешаците и за велосипедистите во време на светската пандемија на корона вирусот. На задоволство на граѓаните постигнавме договор со компаниите кои се занимаваат со закуп на рекламен простор во делот на билборди и ситилајти, доброволно да отстранат вкупно 240 рекламни објекти од јавните површини во Скопје и покрај тоа што во минатото имаат склучено договор со градот, за што платиле извесен надомест. Станува збор за 120 билборди и 120 ситилајти кои биле легално поставени во најголем дел на тротоари, пешачки површини, велосипедски патеки и други јавни површини и на тој начин го ограничувале движењето на пешаците и на велосипедистите со што ја намалувале и безбедноста на целокупниот сообраќај. Во таа насока, сакам да се заблагодарам на компаниите кои ги издаваат овие рекламни објекти за разбирањето и покажаната одговорност кон граѓаните, а кои се откажуваат од дел од својата заработка со цел граѓаните да имаат повеќе и побезбеден јавен простор во градот – рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната прес-конференција.

Со акцијата на Град Скопје ќе се отстранат 120 билборди и 120 ситилајти. Од сегашните 680 билборди, ќе останат 560, а ќе се отстранат и сите 120 ситилајти од јавните површини во Скопје. Со тоа, првата зона од централното градско подрачје целосно се ослободува од поставените рекламни објекти, а се намалува нивниот број и во преостанатите зони.

Градот Скопје од рекламните објекти досега остваруваше приходи од околу 100.000 евра месечно, а по акцијата за нивно отстранување ќе остварува приходи од околу 80.000 евра месечно, што е за 20 насто намалување на приходите од оваа ставка, но со крајна цел – ослободување на јавниот простор за граѓаните.

На првата наредна седница Советот на Град Скопје ќе одлучува за ослободување на компаниите за закуп на рекламен простор од надоместокот кој му го плаќаат на Град Скопје за период од 3 месеци. Со намалувањето на бројот на рекламни објекти компаниите ќе имаат намалување за 20 отсто на давачките за месечна закупнина во понатамошниот период.

– Ова е и едно од повеќегодишните барања на неколку иницијативи и здруженија кои се занимаваат со унапредување на условите за велосипедски сообраќај, за кое претходната градска власт очигледно немала слух. Скопје досега, за жал, важеше за град со најгусто поставени рекламни објекти, а сега е прв град во земјава и во регионот што презема ваква активност во време на корона – нагласи Шилегов.

Покрај легално поставените рекламни објекти, на повеќе локации во градот се забележани и нелегално поставени рекламни објекти кои во претстојниот период ќе бидат отстранети од Градот.