(Видео) Сараево не спиеше – славеше пласман на Мундијалот


Илјадници луѓе се собраа во срцето на Сараево, а прослави за пласирањето на фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина на Светското првеснство во САД и Мексико, како и во другите босански градови.

Со запалени факели, се пееја песни и беа развеани знамињата на Босна и Херцеговина, знамиња што ќе ги видиме на Светското првенство во САД, Мексико и Канада за три месеци.

Прославата почна доцна во ноќта околу два часот по полноќ, кога и фудбалерите стигнаа и им се обратија на насобраните. 

Пред Вечниот пламен се пееја песните на Халид Бешлиќ, а атмосферата беше брилијантна. Сите со нетрпение го очекуваа доаѓањето на своите омилени фудбалери кои им подарија неверојатни моменти.

Фудбалерите на БиХ носеа специјални маички на кои пишуваше „Доаѓаме“ со логото на Светското првенство.

Како што се очекуваше, најголемите овации му припаднаа на Един Џеко, кој се повреди во 120-тата минута од вечервашниот натпревар. Исто така, тренерот Сергеј Барбарез доби големи овации.

„Ви благодариме за ова, за овие моменти, што нè поддржувавте две години. Ви благодариме за ова вечерва, но секако, сите комплименти можат да им одат на овие момци, бидејќи тие се пробија низ сето ова“, рече Барбарез.

Утрово пак, во многу училишта, основни и средни, школскиот ден не почна со училишното ѕвонче. Место тоа, се пуштаа навивачки песни, а децата, заедно со наставниците го прославуваа пласманот на Светското првенство во фудбал. 

По драматична битка на теренот во Зеница, фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина направи големо изненадување елиминирајќи ја Италија на пенали во финалето од плејофот, со што вторпат во својата историја обезбеди место на едно светско првенство.

Во решавачкиот натпревар од плејофот, тимот што ќе се квалификува за Светското првенство го дознавме дури по изведувањето на пенали. Во регуларното време и по продолженијата, резултатот беше 1:1, а пенал-рулетот Босанците го добија со убедливи 4:1.