(ВИДЕО) Рамуш Харадинај се брани со молчење


Косовскиот премиер во заминување, Рамуш Харадинај, го заврши распитот од страна на обвинителите на специјализираните комори во Специјалниот суд во Хаг.

Харадинај рече дека се бранел со молчење.

– Ја исполнив законската обврска како осомничен. Добив правен совет да не одговорам за што бев прашуван. Овие се законски процедури не да се крие нешто од јавноста, но бидејќи законот не ми дозволува … – рече Харадинај, додавајќи дека сè уште не ја знае неговата улога зошто бил поканет како осомничен.

Харадинај рече дека по денешното интервју нема други обврски кон Судот и најави дека ќе се врати во Косово и дека е подготвен за новите парламентарни избори.

– Се враќам, како и сите други во политиката, за да се доближам до граѓаните, со тие теми кои се во интерес на граѓаните. Подготвен сум за се. Било да не повика собранискиот спикер за распуштање на парламентот или претседателот на државата за одредување датум за избори. Развојот на настаните не е едноставен, бев принуден да дадам оставка, да одиме на избори. За среќа состојбата во Косово е стабилна, изјави Харадинај.

По добивањето на поканата од Специјалниот суд во Хаг, Харадинај поднесе оставка од премиерската функција, порачувајќи дека пред трибуналот сака да се појави како граѓанин, а не како премиер на Република Косово.