(Видео) Путин ненадејно пристигна во Украина, ја посети воената команда во Херсон


 

Рускиот претседател Владимир Путин ненадејно пристигна во Украина и присуствуваше на состанокот на воената команда во регионот Херсон, кој е делумно окупиран од Русија, соопшти Кремљ.

Путин ги слушаше извештаите на командантите на Воздухопловните сили и армиската група „Днепар“, како и други високи офицери кои го информираа за ситуацијата во регионите Херсон и Запорожје, кои Москва ги прогласи за дел од Русија.

Руската новинска агенција Риа објави видео од патувањето на Путин во Украина, при што тој го посети и седиштето на руската национална гарда во областа Луганск.

На видеото се гледа како тој пристигнува со хеликоптер, пред да присуствува на состанок со воени претставници.

Путин, исто така, им го честиташе Велигден на војниците и им подари копија од иконата што му припаѓаше на „еден од најуспешните министри за одбрана на Руската империја“.

Херсон и Луганск беа меѓу четирите региони анектирани од Русија минатата година, потег што Западот не го призна.

Руските трупи се повлекоа од Херсон, регионалниот главен град, минатата година и ги зајакнаа своите позиции на спротивниот брег на реката Днепар во очекување на украинска контраофанзива.