(ВИДЕО) ПСЖ го демолираше Реал во Париз, Атлетико спаси бод против Јувентус`


Со вечерашните натпревари се комплетираше првото коло во новата сезона од Лигата на шампионите.

Најинтересно беше во Мадрид и Париз каде се одиграа дерби мечевите на вечерта. Во Мадрид Атлетико го пречека тимот на Јувентус во реприза на ланското осминафинале.

Атлетико беше далеку подобар противник во првото полувреме, но Жоао Феликс не успеа да искористи две сериозни шанси. Затоа пристигна казната во второто полувреме. По само три минути игра во вториот дел Квадрадо погоди за 0:1, а во 65. минута Јувентус дојде и до 0:2 преку Матуиди.

Сепак, домаќините не се предаваа, па Савиќ во 70. минута намали на 1:2, а во 90. минута од мечот „џокерот“ на Диего Симеоне, Ектор Ерера ги постави конечните 2:2.

Во истата група Локомотив Москва направи едно мало изненадување откако победи со 2:1 на гостувањето кај Баер Леверкузен. Криховијак во 16. минута ги доведе гостите во водство, а во 25. минута Ховедес си постигна автогол за израмнување на 1:1. Конечниот резултат беше поставен во 37. минута преку Баринов.

Во Париз ПСЖ го пречека Реал Мадрид и целосно го демолираше, како играчки, така и резултатски. „Светците“ без најдобрите играчи како Кавани, Нејмар и Мбапе го победија „Кралскиот клуб“ со 3:0, не оставајќи му ни шанса да се закани посериозно, а не пак да ја загрози нивната победа.

Играч на натпреварот без сомнение е поранешниот фудбалер на Реал Мадрид Анхел Ди Марија. Аргентинецот во 14. минута ги доведе домаќините во водство, а во 33. минута стрелаше за 2:0. Избраниците на Томас Тухел целосно доминираа на теренот и не му оставаа простор на Реал кој делуваше безидејно и безопасно, па на крајот, во 91. минута примија уште еден гол за конечни 3:0.

Во групата Б, Баерн ја пречека Црвена Звезда во Минхен и славеше убедлива победа од 3:0. Очекувано, Баерн ја имаше иницијативата во текот на целиот натпревар, а во водство дојде во 34. минута преку Коман.

Во второто полувреме Баерн ја продолжи својата иницијатива, но како што се приближуваше финишот од мечот и ја препушти топката на Црвена Звезда која се закани во неколку наврати. Сепак, по една грешка на одбраната, Левандовски зголеми на 2:0 во 80. минута.

Конечните 3:0 ги постави Милер во 91. минута од мечот.

Динамо Загреб се прикажа во феноменално светло вечерва предводен од капитенот и македонски репрезентативец Аријан Адеми откако во Загреб ја прегази италијанска Аталанта со 4:0.

Леовац го отвори резултатот во 10. минута, а до полувремето Орсиќ постигна два гола за убедливи 3:0 по првите 45 минути. Истиот играч во 68. минута го комплетираше својот хет-трик за убедлива победа на „Модрите“ во Лигата на шампионите.

Екипата на Манчестер Сити славеше на гостувањето во Украина кај Шахтјор со 0:3. Стрелци на головите беа Марез, Гундоган и Габриел Жезус.