(Видео) Протест на новинарите за почит и безбедни услови за работа


Фото: Б. Грданоски

Протестен марш на новинарите денеска почна пред Владата, во организација на Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

 – Заеднички и сплотено ќе го изразиме нашето незадоволство од нападите врз новинарите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедните услови во кои работат новинарите, лошата социо-економска состојба – велат од ЗНМ И ССНМ.

– Сметаме дека вака веќе не може. Законите, важни за медиумите не се спроведуваат, јавните функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите. Државниот ПР ја зема работата на новинарите, на фотографите, на снимателите. Владата создаде најголема редакција во земјата. Државните институции и нивните директори имаат проблем да сфатат дека не е во ред кога со денови чекате одговор, а добиавте ПР памфлет за објава. Локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување. Безбедноста на новинарите не е на ниво на коешто треба да биде – рече Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, пред Владата.

Тој наброја повеќе случаи, каде новинари, сниматели и фотографи се тепани, омаловажувани и се изложени за закани од секакви профили на луѓе.

– Излегуваме на протестен марш за да спречиме, тенденциите кои ги набројав претходно, утре да ни се преточат во нешто многу полошо – додаде Чадиковски.

До Владата и до Собранието ќе бидат доставени барањата:
– Итно да се донесат неопходните закони кои се важни за правата на новинарите и работата на медиумите и нивно доследно имплементирање.
– Јавните функционери и политичарите да ги почитуваат новинарите и снимателите.
– Крај на агресивниот државен пи-ар.
– Поддршка за локалните новинари и медиуми.
– Почитување на работничките права на новинарите и медиумските работници.
– Безбедни услови за работа на новинарите и медиумските работници.

Рутата на движење е од Влада до Собранието.