(Видео) Пронајдени 15.500 стебла марихуана во штипско Карбинци во вредност од над 5 милиони евра


Полициски службеници од Одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал – Сектор за криминалистички истраги и Единицата за недозволена трговија со дрога, во координација со СВР Штип, во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Општина Карбинци ги лишија од слобода Н.С. (56), А.Н. (37) и М.С.(36), сите од село Карбинци, бидејќи кај нив се пронајдени и одземени околу 15.500 стебла од растението канабис сатива, од кои при берба би се добиле околу осум тона марихуана, со пазарна вредност од над пет милиони евра, соопштија од МВР.

– Имено, по преземени мерки и активности полициски службеници во атарот на село Карбинци открија површина од околу 1.300 квардратни метри засадена со околу 15.500 стебла од растението канабис сатива, од кои дел во цветови. Во координација со Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, и со претходно обезбедени Наредби за претрес на дом и други простории од Основен кривичен суд Скопје, извршени се претреси на 5 локации во село Карбинци во врска со производство на наркотична дрога марихуана, при што кај едно лице се пронајдени 690 растенија канабис, кај второто лице 36 растенија, а во нива сопственост на третото лице се пронајдени 15.415 растенија канабис, изјави портпаролка на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.

По документирање на случаите против трите лица ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 став 3 од Кривичниот законик.