(ВИДЕО) Проговори братот на еден од умрените во контејнерот во Парагвај


Алжирецот Мохамед Оухерхер, брат на Сидахмед Оухерхер – еден од седумте мртви лица кои се нашле во контејнерот на патот од Србија кон Парагвај, вели дека дестинацијата на „слепите патници“ требала да биде Италија, а не Јужна Америка.

Мохамед за телевизијата „Бахо ла Лупа“ изјавил дека неговиот помлад брат детално го претставил својот план пред да замине на патувањето. Тој вели дека Сидахмед му го кажал сето тоа на почетокот на јули, непосредно пред да влезе во „контејнерот на смртта“.

Сидахмед веќе престојувал во ЕУ, во Германија и Франција, но се вратил дома по барање на неговата болна мајка. Кога повторно тргна кон Европа, тој од Алжир долетал во С. Македонија, а потоа со автобус и малку пеш пристигнал во Србија.

„Цело време бев во контакт со него“, тврди Мохамед.

Од седуммината кои загинале во контејнерот, двајца биле Алжирци, четворица биле Мароканци и еден бил Египќанец. Мохамед тврди дека тие се запознале со двајца Алжирци кои се занимаваат со трговија со луѓе и од нив добиле понуда дека за одредена сума пари ќе ги префрлат во Италија.

„Тие ги зедоа своите пари и им ветиле дека ќе пристигнат во Италија, прво со воз, а потоа со брод“, вели Мохамед.

Планот бил седум мигранти да влезат во контејнер во воз за Хрватска, каде што од таму контејнерите ќе бидат пренесени на брод за Италија.

„Им било кажано дека нема да трае долго, најмногу еден ден“, продолжува Мохамед.

Тој објаснил дека неговиот брат претходно патувал во Европа на тој начин, а потоа организатор бил извесен Алжирец Саламбија, познат по трговија со луѓе, кој завршил во затвор.

„Овој пат, тие Алжирци побегнаа веднаш штом ги зеле парите“, заклучува Мохамед Охерхер.

Наместо да одат во Италија, контејнерите заминале за Парагвај, каде беше констатирана смртта на сите седум „слепи патници“, чии тела биле во напредна фаза на распаѓање.

Досегашната истрага, како што пренесуваат српските медиуми, утврди дека контејнерот е испратен од Србија на 21 јули и дека тој патувал до речното пристаниште во предградијата на Асунсион, главниот град на Парагвај, три месеци. Во близина на починатиот биле пронајдени лични карти, кои биле издадени во центарот за мигранти во Адашевци кај Шид, па веднаш било јасно дека тие тргнале од Србија.

– Сите мажи се возрасни, и се верува дека се слепи патници. Нивните мобилни телефони ќе бидат вештачени, а детално ќе се испита и трасата на патувањето – изјави за медиумите парагвајскиот обвинител Марсело Салдивар.

Исто така било утврдено дека младите имале доволно вода и храна да преживеат 72 часа. Сепак, патолозите велат дека откриле знаци на задушување, а се верува дека починале и поради недостаток на воздух.