(Видео) Принцот призна
Принцот на Саудиска Арабија Мохамед бин Салман, призна дека сноси одговорност за бруталното убиство на новинарот Џамал Кашоги, пишува Ројтерс.
Кашоги беше усмртен од саудиски оперативци во зградата на конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Бин Салман во документарец на Пи-би-ес го призна тоа, а филмот треба премиерно да биде прикажан следната седмица.
Ова е прв пат принцот, де факто владетел на Саудиска Арабија, јавно да зборува за убиството кое го разниша неговото кралство и поради кое западните медимуи вршеа притисок на своите држави построго да се постават кон Саудиска Арабија.
Настапот на Бин Салман е интригантен поради обвиненијата дека тој сам го нарачал убиството на Кашоги, во што се сомнева ЦИА и уште некои разузнавачки служби од западните земји. Секако, Саудијците тврдат дека принцот нема врска со убиството. Но, откако изби скандалот, тој нема стапнато во Европа или САД.
„Тоа се случи под мое владеење. Сета одговорност е моја, затоа што тоа се случи под мое владеење“, вели принцот пред новинарот Мартин Смит во документарецот што ќе биде прикажан на 1 октомври.
За потсетување, Кашоги во зградата на конзулатот во Истанбул влезе на 2 октомври лани, за да набави документи за својата венчавка. Таму е убиен, неговото тело е расечено, а остатоците никогаш не се пронајдени.