(Видео) Претреси во Скопје, пронајдени оружје и муниција, приведени четири лица


Полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, вчера во содејство со полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции – Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, истовремено извршија претреси на шест локации во домови на лица осомничени за кривични дела „убиство“ и „предизвикување општа опасност“, при што од слобода се лишени четири лица И.А.(31), Н.А.(20), А.Р.(27) и Б.Ш.(40), сите од Скопје.

-При претресите извршени кај И.А. во село Визбегово, скопско, кај Г.М.(31), кај А.Р. и кај Б.З.(31), тројцата на подрачјето на Чаир, кај Н.А. на подрачјето на Бит Пазар и кај Б.Ш. на подрачјето на Аеродром, биле пронајдени и одземени пиштол и рамка со 14 куршуми, пиштол „Астра“ калибар 6,35 мм и рамка со 5 куршуми, пиштол „Смит и Весон“ калибар 9 мм и 2 рамки со 32 куршуми, пиштол „глок“ калибар 9 мм и рамка со 17 куршуми, дрон со мемориска картичка и контролор за летање и други предмети поврзани со кривични дела, соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.

Четирите лица се приведени во полициска станица, а за Г.Б. и Б.З. е пуштен централен распис. Во координација со Јавен обвинител, по документирање на случајот ќе следуваат поднесоци.