(ВИДЕО) Премиерот Спасовски ги најави новите радикални мерки


Премиерот Оливер Спасовски ја потвди информацијата дека на целата територија на земјата се воведува тотален полициски час во текот на викендите, дека тоа ќе се однесува и за  Велигден кој ќе се слави од дома и дека се скратува времето за слободно движење во текот на работните денови – место од 21 часот како досега, тој ќе почнува од 16 часот и ќе трае до 5 наутро. Мерките стартуваат од среда.

-На секого од нас му е јасно дека нашето живеење е целосно променето. Вирусот не избира граници, не избира кого ќе нападне и никој не е заштитен. Ние навреме го вклучивме  алармот и постепено воведуваме мерки за да се справиме и да го амортизираме ударот. Мерките ги носевме етапно, по препорака на Комисијата за заразни болести и на експертите. Следејќи ги искуствата на другите земји кои се соочија пред нас со епидемијата, најавивме дека бројот на заразени ќе прогресира. Некои ја загубија битката со корона вирусот, а за жал ќе има и други, порача премиерот Оливер Спасовски на прес конференцијата.

-Секој од нас би сакал да знае кога се ова ќе заврши, но ни светот ни ние немаме одговор. Влегуваме во фазата кога не очекуваат најголемите предизвици. Ова е најрадикалната фаза за јавното здравје, за економијата и за општеството. Секој од нас треба да даде придонес. Ќе го сопреме непријателот, но само заедно. Ние како земја го немаме поминато најлошото. Треба да бидеме чесни и искрени. Наредните три недели ќе го доживееме пикот на заразата, меѓу 2.000 и 2.500 заболени, дополни Спасовски.

Потоа тој ги најави меркитешто Владата, на предлог на Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство ги донесе на денешната седница, а ќе важат од среда. Со мерките се дополнува забраната за движење на целата територија на државата, односно се продолжува полицискиот час.

Се забранува движење на граѓаните на ниво на целата држава од петок од 16 часот до пет часот во понеделник. За лицата над 67 години се забранува движење во сите работни денови од понеделник до петок освен во периодот од 10 до 12 часот, додека за младите до 18 години се забранува движење во текот на сите работни денови, освен во периодот од 13 до 15 часот.

Се забранува движење на групи поголеми од две лица, освен поголеми семејства.  Аптеките ќе работат непречено според план на Министерството за здравство. Исклучоциќе има за полицијата, за армијата, здравствените работници и матичните лекари, како и за маркетите и рестораните кога ќе врѓат достава.

Маркетите да организираат испорака на продукти за лицата од ризичните и постарите групи граќани.

-Целта на мерките е заштита на јавното здравје и на секој поединец. Годинава велигденските и рамазански празници мораме да ги поминеме дома. Своите молитви ќе ги упатиме од дома, преку телефон, интернет…Тоа нема да не направи послаби веринци, туку напротив, ќе ни го зајакне духот бидејќи спасуваме животи. Никој нема право да загрози туѓ живот, а тоа нема да се случи само ако останеме дома.  Секој од нас е одговорен, затоа сведете ги физичките контакти на минимум. Херојство сега е да се седи дома и сите комуникации и обврски да се извршуваат од дома. Излегувајте само ако имате нужна потреба, порача Спасовски.

То ги уверуваше граѓаните дека мерките не се одраз на слабите капацитети за лечење туку имаат за цел да спасат животи.

-Државата има капацитети. Во моментов се активни над илјада кревети ако има потреба да се хоспитализираат граѓани. Но, да бидеме херои и да не дозволиме да ги наполниме. Здравствените работници да се чууваат себеси, за да не чуваат нас. Апелирам да не се создаваат лажни вести и информации кои создаваат паника и имаат далекусежни последици. Тоа ќе го санкционираме. Апелирам до медиумите и корисниците на социјалните мрежи да се повикуваат единствено на официјално објавените податоци. Придржувајте се на мерките, бидете одговорни и совесни, порача премиерот.

Мерките што ги најави Владата денес се меѓу најригорозните во Европа и со нив практично се воспоставува кризна состојба на целата територија на државата во текот на викендот, односно карантин.

Најискусните епидемиолози  во земјата досега тврдеа дека не е потребно мерките да се толку ригорозни, така што останува впечатокот дека тие можеби се повеќе резултат на постојаните напади и притисоци на опозицијата, која во политичката пресметка со власта  ги драматизира и мерките, и бројот на умрените, и бројот на заразените, без оглед што во споредба со други држави со сличен број на жители, Македонија добро се справува со епидемијата.

Проширувањето на полицискиот час дополнително ќе ја влоши состојбата во економијата и, како што забележаа новинарите, ќе доведе веројатно и до проблеми во снабдувањето, бидејќи граѓаните ќе мораат да се редат во самопослугите за да се снабдат за три дена.

Инаку, и во најзагрозените европски држави, Италија и Шпанија, нема целосен полициски час, туку за најосновните потреби, како храна, лекови или шетање на кучиња, може да се излегува и натаму, додека на работа се оди со дозвола. Во Шпанија дозволено е и одење во банка иако официјално целата земја е во карантин. Во Русија граѓаните добија платена недела да не одат на работа, а слични мерки како кај нас има во Перу и во Панама, каде што може слободно да се излегува само три дена во неделата – во понеделник, среда и во петок. Колумбија забрани тие што имаат над 70 години воопшто да излегуваат, т.е. треба да бидат во нон стоп карантин до мај. Јордан пак откако воведе целосен карантин, ги ублажи мерките и сега граѓаните можат да излегуваат за суштински потреби. Полициски час како нашиот најави како можност и српскиот лидер Александар Вучиќ, што предизвика стампедо во продавниците.