(Видео) Повторно еруптираше вулкан на Исланд. Прогласена вонредна состојба


На југозападниот дел на Исланд, повторно еруптираше вулкан, поради што властите го евакуираа познатиот геотермален спа центар Blue Lagoon, познат по топлата вода со прекрасна сина боја и малиот рибарски град Гриндавик. Ова е петта ерупција во областа од декември.

Исландската метеоролошка служба (ИМО) наведува дека новата пукнатина од која избива лавата е долга повеќе од 2,5 километри и продолжува да расте. На снимката се гледа како вулканот исфрла стопена карпа до висина од 50 метри, додека огромни облаци од пепел го покриваат поголемиот дел од небото.

Повторно евакуирани жители
Официјални лица денеска објавија и интензивни потреси пред ерупцијата. Повеќето од 4.000 жители на Гриндавик беа трајно евакуирани во ноември, пред ерупциите во декември, јануари, февруари и март. За време на јануарската ерупција, по улиците на Гриндавика течела лава и проголтала три куќи.

Неколку жители оттогаш се вратија да живеат во соседните места кои се помалку загрозени, но сега се повторно евакуирани кога магмата почна да тече поблиску до Гриндавик, пишува Би-Би-Си. Властите денеска прогласија вонредна состојба. Ерупцијата се случи неколку часа откако властите наредија евакуација на Гриндавик и Сината лагуна, каде утринава имаа меѓу 700 и 800 посетители.

„Ерупциите би можеле да траат со децении“
Исланд има 33 активни вулкански системи. Се наоѓа на одредена локација помеѓу евроазиските и северноамериканските тектонски плочи, двете најголеми на планетата. Само полуостровот Рејкјанес има шест активни вулкански системи.

Последен пат кога полуостровот Рејкјанес забележа вулканска активност, што беше пред 800 години, ерупциите траеја со децении. Ова е седма ерупција од 2021 година, а научниците веруваат дека областа влегува во нова вулканска ера која би можела да трае со децении, па дури и со векови.