(Видео) Полициски службеници брутално претепаа човек среде улица


На социјалната мрежа Фејсбук денеска беше споделено видео на кое се гледа како македонски полициски службеници брутално тепаат човек среде улица.

Во описот на видеото пишува дека претепаниот човек е всушност лице од ромска етничка заедница.

Граѓаните на социјалните мрежи бараат МВР да го испита случајот и да ги санкционира сторителите.

 

„Во врска со видео материјалот што денеска (24.09.) беше објавен на социјалните мрежи, а на кое се гледа незаконито и непрофесионално постапување на полициски службеници, Ве известуваме дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи веќе го утврди идентитетот на учесниците во настанот и презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот по што јавноста ќе биде соодветно информирана“, се вели во соопштението од МВР.

Од Хелсиншкиот комитет изразуваат голема загриженост за зачестеноста на полициската бруталност врз ромската заедница.

Од таму најостро го осудуваат ваквото однесување на полициските службеници и најавија дека за настанот ќе поднесат претставка до специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при Основното јавно обвинителство.

„Со претставката ќе побараме да се испитаат сите околности, да се прибават докази и да се поведе постапка пред судот со цел утврдување кривична одговорност. Дополнително, од одделението за внатрешна контрола во Министерството за внатрешни работи ќе побараме најстрога дисциплинска одговорност за инволвираните полицајци и поведување кривична постпака“, се наведува во соопштението.