(Видео) Погледнете колку лесно Ковид-19 може да се шири во ресторан


Ново видео кое стана вирално во Јапонија покажува колку брзо бактериите и вирусите како Ковид-19 можат да се шират во ресторан каде што е заразено само едно лице.

Во видеото, јапонските истражувачи спроведуваат експеримент со флуоресцентна светлина и симулираат атмосфера на ресторан – бифе, каде што гостите се служат од заеднички садови со храна. Експериментот го спроведе јавната радиодифузна организација НХК заедно со здравствени експерти, јавува Си-Ен-Ен.

Десет лица биле донесени во „ресторанот“ со едно лице идентификувано како „заразено“. На ова лице му била ставена невидлива флуоресцентна боја на едната рака.

Секој учесник се служи самиот без никаков страв или размислување за потенцијалното загадување.

Тие јаделе и се дружеле 30 минути пред истражувачите да вклучат црна светлина над нив, осветлувајќи каде се проширил вирусот.

Под светлината, невидливата боја можеше да се види на храната, на приборот и на садовите за храна, па дури и на облеката и лицата на некои од учесниците.

„Видеото покажува дека многу ефикасно ќе се прошири на површините и на луѓето“, изјави Џон Николс, клинички професор по патологија на универзитетот Хонг Конг, за Си-Ен-Ен, „и мислам дека навистина ја истакнува потребата за хигиена на рацете за да се запре ширењето на болеста“.

Додека овој експеримент може алармира бидејќи во САД сојузните држави започнуваат фазно реотворање, Центрите за контрола и превенција на болести тврдат дека вирусот се шири главно од личност до личност преку респираторни капки произведени кога заразено лице кашла, кива или зборува.

„Можеби едно лице може да добие Ковид-19 со допирање на површина или предмет на кој го има вирусот и потоа да ги допира сопствената уста, нос или евентуално очите“, велат од Центрите за контрола и превенција на болести . „Ова не се смета дека е главниот начин на ширење на вирусот, но сè уште учиме“.

Николс додава дека експериментот би бил поефектен кога истото сценарио би се повторило откако „заразеното“ лице ќе ги измие рацете.

„Значи, јавноста добива одредени сознанија колку миењето на рацете всушност може да го намали преносот на потенцијално заразен материјал“, вели Николс.