(Видео) Погледнете го „првиот вистински летечки автомобил“ што треба да се најде на пазарот по три години

Компанија од Калифорнија, чиј основач никогаш во животот не направил ниту обичен автомобил, тврди дека во 2025 година ќе го пушти на пазарот „првиот вистински летечки автомобил“


 

Компанијата „Алеф аеронаутикс“ (Alef Aeronautics) од Калифорнија, одлучи да биде првата што ќе лансира електричен летечки автомобил на пазарот. Нивната цел е тоа да го направат во следните три години, а неодамна го претставија и концептот на тоа возило наречено Alef Model A.

Станува збор за електричен летечки автомобил со каросерија покриена со мрежа, под која се сместени осум пропелери. Неговите пропелери ги заменуваат традиционалните мотори на автомобили, овозможувајќи му да полета директно во воздухот од конвенционален пат, без потреба од некоја специјализирана писта, пишува Дејли меил.

Невообичаен начин за летање

Многу е интересно што по полетувањето, телото на автомобилот се навалува за 90 степени, така што горниот дел од автомобилот е свртен напред, а пропелерите потоа едноставно даваат потисок напред.

Меѓутоа, патничката кабина се ротира околу својата оска и останува во хоризонтална положба, така што патниците можат да бидат свртени напред за време на летот.

Цената на тој многу амбициозен летечки автомобил треба да биде околу 300.000 долари, а неговата испорака треба да биде веќе во 2025 година, според Џим Духовни, основач на Alef Aeronautics.

Alef Model A неодамна беше претставен на прес-конференција во Сан Матео, Калифорнија. Има досег на возење од 322 километри и опсег на летот од 160 километри. Сепак, на неодамнешната презентација немаше пробен лет, па засега ќе мора да се верува на зборот на Алеф.
„Првиот вистински летечки автомобил во светот“

Духовни многу амбициозно го опиша Alef Model A како првиот вистински летечки автомобил во светот, бидејќи може да вози по постојната сообраќајна инфраструктура и не мора да полетува од специјално одредено подрачје, како што е аеродром.

Летечкиот автомобил мора да биде автомобил, што значи дека може да вози по нормална улица и да се паркира на нормален паркинг простор. Треба да полета и вертикално, изјави Духовни за Би-Би-Си.

Alef Model A е дизајниран да вози по улиците, да полетува вертикално кога е потребно и да лета, како решение за проблемот со застојот на патиштата, истакнуваат од Alef Aeronautics. Доколку наиде на пречка на патот, потенцијално би можел да го прелета и да слета по него без да мора да се наведне 90 степени.

Сепак, од компанијата додаваат дека нејзиниот летечки автомобил ќе може да полета само во одредени области, што укажува на тоа дека ќе мора тесно да соработува со сообраќајните и воздухопловните власти за да добие дозвола за летање.

Alef Model A има и интересен пар врати – пеперутка, кои се отвораат нагоре наместо кон надвор, и едноставна внатрешност на седиштата во стил на тркачки автомобил. При летање настрана, телото покриено со мрежа дозволува воздухот да помине, одржувајќи го лесен и дозволувајќи му да остане во воздухот без никакви безбедносни проблеми, според Alef Aeronautics, пренесува Зимо.

Не е толку комплицирано?

Духовни е компјутерски научник, дизајнер на софтвер, вљубен во научна фантастика и претприемач кој некогаш водел онлајн-страница за игри на среќа наречена „Интелектуал казино“. Со други зборови, тој никогаш до сега не направил автомобил.

Како што беше посочено на настанот, неговата фирма има и второ, поевтино возило планирано за пуштање во 2030 година.

Станува збор за летечка лимузина Model Z која треба да има опсег на летање од 320 километри и домет на возење од 640 километри. Предвидената цена е 35.000 долари, што за летечки автомобил со поголем домет и со оглед на цените на денешните електрични автомобили звучи сосема нереално.

Ова не е покомплицирано од „Тојота корола“. Нашата цел е да се погрижиме да ја има истата цена, вели Духовни.

Инаку, веќе се претставени повеќе дизајни на летечки автомобили и намалени прототипови, но првиот летечки автомобил допрва треба да се појави на пазарот, пишува Дејли мејл.

Претходно оваа година, „Хјундаи“ (Hyundai) го откри својот концепт на летечки автомобил инспириран од пеперутките на Меѓународниот аеромитинг во Фарнборо, со кожни седишта од растителна основа, „светлосна терапија“ над главата и вградени станици за полнење.

Јужнокорејскиот производител на автомобили, кој создаде нова спин-оф компанија наречена Супернал за да го дизајнира леталото, би можела да го направи достапен за јавноста веќе во 2028 година.

Во меѓувреме, AirCar Prototype 1, кој има мотор со фиксен пропелер од 160 коњски сили, беше развиен од словачката фирма KleinVision и тестиран минатата година.

Друга лондонска стартап компанија наречена Bellwether Industries го заврши пробниот лет на својот прототип на „хиперавтомобил“ со половина размер во ноември минатата година.