(ВИДЕО) По 5 години копање тунел, жители на кинеско село се поврзаа со светот


Селото Гуолианг, кое се наоѓа во Кина, со децении било отсечено од светот. Тоа се наоѓа на планината Таиханг и единствениот пат до него биле стрми скали.

Околу 350 жители од ова изолирано место со години ги молеле надлежните да изградат пат кој би ги поврзувал со остатокот на светот.

Бидејќи никој не ги слушнал желбите на селаните, тие одлучиле работите да ги земат во свои раце. Прво ја продале стоката и други работи за да соберат доволно средства и сѐ што им е потребно за работа. Потоа избрале 13 највешти и најјаки мажи кои, иако не биле инженери, извршиле неверојатна задача.

Во карпата ископале тунел, а од алати имале само чекан, трпение и упорност. Во најтешките фази на работа напредувале само еден метар на секои три дена.

Работите на тунелот биле многу опасни, па за време на работите загинал еден работник, а самиот пат бил доволно широк само за сообраќај кој би се одвивал многу бавно и внимателно. Разминувањето на возилата е многу ризично. Свиоците и вдлабнувањата се наоѓаат на непредвидливи места.

Иако првичната намера била на селаните да им се обезбеди пат и полесен живот, селото со овој тунел станало и вистинска мала туристичка атракција.

Денес тука постојат одморалишта и хотели на патниците и планинарите, но пристапот не е секогаш поволен.