(ВИДЕО) Пендаровски: Ограничувањата кај нас се меѓу најригидните


Претседателот Стево Пендаровски по состанокот на Советот за безбедност изјави дека сите расположливи ресурси на државата се насочени кон справување со корона вирусот. Според него, има позитивен развој на ситуацијата во Дебар и во Центар Жупа, но се влошува во Куманово,а стагнира во Прилеп.

Со оглед на оваа ситуација и со оглед на правните дилеми околу тоа како да се реши таа, тој соопшти дека очигледно треба да се продолжи вонредната состојба за уште 30 дена, нагласувајќи дека потоа нема уставна можност да се прави тоа. Затоа тој ги повика политичките фактори да се изјаснат што потоа и да не се затскриваат зад правни објаснувања.

-Јасно е  дека Уставот нема предвидено решенија за ваква ситуација, рече Пендаровски нагласувајќи дека пратениците се уште земаат плата, не бараат апанажа а Собранието сепак не работи, поради што ја презема одговорноста тој да ја донесе одлуката.

-Ова решение не ја намалува одговорноста на сите релевантни политички фактори јасно да ги кажат своите ставови бидејќи во средината на мај ќе ги имаме истите правни дилеми, порача претседателот.

Тој беше експлицитен и директен и околу кризните мерки. Според него, со над 80 часови практично целосна забрана на движење во земјата за Велигден ние спаѓаме во групата на земји со најригидни мерки.

-На граѓаните им е јасно која е логиката и оправданоста на ваквите мерки, но реков веќе дека тие треба да предвидуваат исклучоци и да бидат во разумен период, бидејќи ќе предизвикаат проблеми на подолг рок. Затоа ја повикувам Владата по празникот да дефинира план за постепено фазно враќање во нормала бидејќи ќе мора да научиме да живееме со вирусот на подол рок, изјави Пендаровски.

Во однос на ситуацијата во Куманово тој рече дека треба посебен фокус и внимание и можеби многу брзо и таму ќе треба примена на успешниот модел од Дебар и Центар Жупа.

Запрашан дали треба да се воведе сега прогресивен данок, за да се префрли товарот на кризата на побогатиот слој граѓани, Пендаровски рече дека тоа е далеку од неговите надлежности и далеку од неговата експертиза. Н, но принципиелно смета дека товарот на кризата треба да го поднесемеме соодветно на нашиот статус, па и во имотна смисла. Неспорно е, рече Пендаровски, дека тие што се најбогати можат многу повеќе да придонесат околу кризата од најсиромашните, односно тие шшто имаат повеќе треба да дадат повеќе.(С.Ј.)