(Видео) Отворен долгоочекуваниот финансиски центар на Истанбул


Во Истанбул денеска беше отворен долгоочекуваниот деловен кварт со кој овој град сака да биде еден од финансиските центри на светот.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган учествуваше на свеченото отворање на она што се нарекува Истанбулски финансиски центар (ИФЦ). Прво се отвори делот каде што ќе биде седиштето на банките.

Ердоган рече дека најголемиот град во земјата ќе биде уште посоодветен за бизнис со овој центар. Тој потсети дека градот е место каде што се спојуваат три континенти.

„Веруваме дека Истанбул, кој историски беше географски и трговски мост меѓу Истокот и Западот, има потенцијал да воспостави врска меѓу финансиските пазари“, рече тој.

Станува збор за делот од Истанбул кој се наоѓа на анадолската страна и каде се наоѓаат некои од најважните институции. Целта е да се биде конкурентен во меѓународните финансии и да се стимулира растот на националната економија.

Како што рече Ердоган, ИФЦ е визионерски проект за зајакнување на улогата на Турција во глобалната економија. Смета дека тоа ќе го олесни протокот на капитал и ќе го зголеми потенцијалот за привлекување инвестиции.

Таму ќе бидат сместени и Централната банка на Турција, Истанбулската берза, Агенцијата за банкарство, Одборот на пазарот на капитал, Зираат банка, Халкбанк и Вакифбанк. Претседателот на Турција очекува дека вредноста на овој центар подобро ќе се покаже во наредните години.

ИФЦ се простира на површина од 1,3 милиони квадратни метри, има трговски центар од 100.000 квадратни метри, конференциски центар за 2.100 луѓе, хотел со пет ѕвезди од 30.000 квадратни метри и паркинг за 26.000 возила.

Според весникот Дејли Сабах, побарувачката на локални и странски компании за простор во ИФЦ ја надмина понудата. Друга цел е овој центар да биде еднаков, ако не и поголем, од финансиските центри во Њујорк, Лондон и Дубаи. Се очекува да има 100.000 посетители дневно, меѓу кои има и вработени.

Овој центар е еден од градежните комплекси кои Ердоган ги отвори за време на предизборната кампања во Турција. Два дена претходно отвори голема болница во градот Коџаели.