(ВИДЕО) Олимпијакос губеше со 2:0 и на крајот освои бод против Тотенхем


Олимпијакос и Тотенхем, односно Бриж и Галатасарај ги одиграа првите два меча од денешната програма во Лигата на шампионите.

Тотенхем во рамките на групата Б гостуваше во Пиреја кај Олимпијакос и одигра 2:2 што секако не е задоволувачки за неговите навивачи.

Гостите од Лондон налетаа на мотивиран и тежок противник, Спарси се мачеа иако имаа теренска иницијатива, но на крајот сепак успеаја да поведат и тоа преку Хари Кејн во 26. минута, откако судијата Џанлука Роки досуди пенал. Само четири минути подоцна гостите ја зголемија предноста откако стрелаше Лукас Моура.

Олимпијакос играше добро, а губеше со 2:0, но тоа не ги обесхрабри домаќините кои пред самиот крај на првото полувреме преку Поденс ја затресоа мрежата на Уго Лорис, а тој гол им даде крилја на Олимпијакос во продолжението од мечот.

Домаќините продолжија со нападите и во вториот дел дојдоа до израмнување во 54. минута кога Валбуена погоди од белата точка за 2:2.

Во Групата А се соочија Бриж и Галатасарај, а на крајот немаше ниту еден погодок на оваа средба.