ОБСЕ/ОДИХР ќе ја истражува цензурата на ААВМУ врз Левица – тие ја селат кампањата на улица (видео)

Ваквите мерки се сериозен удар врз демократијата и е само еден чекор кој наговестува авторитарен режим


Кампањата за локалните избори официјално започна во понеделникот, но партијата Левица не смее да се рекламира во медиумите поради скандалозна одлука на ААВМУ, за што е известен и набљудувачот на изборниот процес, ОБСЕ-ОДИХР.

Со адвокатката Катерина Јовановска како претставник на правниот тим на Левица, оваа партија оствари средба со правниот аналитичар во ОБСЕ-ОДИХР, Радивоје Грујич.

„На средбата се дискутираше за правните механизми кои Левица како политичка партија досега ги презема во врска со контроверзното Упатство за радиодифузерите за Локалните избори 2025 донесено од ААВМУ, со кое Левица е директно оштетена на начин што ѝ е забрането политички да се рекламира во медиумите во текот на целата кампања, како и за правните чекори кои Левица ќе ги преземе во иднина со цел заштита на своето уставно право на политичко организирање и дејствување“, објави партијата.

Средбата ја оценија како  конструктивна, при што двете страни изразиле желба за понатамошна соработка со цел навремено информирање во однос на исходот од судските постапки, како и постапките кои што се водат пред другите надлежни институции во Република Македонија и евентуално пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„Забраната за политичко рекламирање нема да ја сфатиме како пресудна пречка во оваа кампања. Кампањата ја префрламе на улица, без бини и микрофони. Ние ќе бидеме од сабајле до навечер присутни на улиците каде што Скопјани и секој поединачно ќе може да дојде до нас и да разговара“, порача Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје од Левица, на денешната прес конференција.

Во следните дваесет дена од изборната кампања, Мециновиќ најави фокус на состојбата во Град Скопје и јавните претпријатија. Посочи дека постои план за нивна приватизација, а како пример ја даде депонијата Дрисла.

„Ако ни биде доверен мандатот во Советот на Град Скопје и на позицијата градоначалник, првото нешто што ќе го направиме е да се симнеме кај работниците. Со сите работници на јавните претпријатија ќе седнеме и ќе разговараме за условите во кои тие работат“, рече Мециновиќ.

Според него јавните претпријатија со години се запоставувани намерно, за да се оправда нивната приватизација. „На 6 септември најавивме дека постои план за приватизација на Комунална хигиена и на Дрисла. Четири дена подоцна, премиерот Христијан Мицкоски, кој ја оркестрира и забраната за Левица, тоа го потврди – рече дека ќе има јавно-приватно партнерство за претпријатијата, вклучително и за ЈСП“, додаде Мециновиќ и истакна дека  Дрисла е единственото јавно претпријатие кое генерира приходи за Град Скопје, а неговата приватизација би значела директен удар врз јавниот интерес.

„Дрисла треба да се унапреди, а не да се приватизира. Но, не можеме друго да очекуваме од партии чија единствена цел е приватизација на капацитетите на државата и на градот, партии кои во последните четири години го уништуваа и блокираа јавниот интерес на граѓаните на Скопје“, нагласи тој.

Во однос на забраната за политичко рекламирање Мециновиќ истакна дека ваквите мерки се сериозен удар врз демократијата и е само еден чекор кој наговестува авторитарен режим. „Ние можеби сме навикнати на распаднат концепт на демократија, но европските партнери се вчудоневидени од ваквиот однос на власта“.  
Според него ваквиот потег ќе биде нотиран и во извештаите на ОБСЕ и Европската комисија. 

„Нашите пријатели од Европскиот парламент и од Австрија беа вчудоневидени од методите што ги користи овој режим. Вакви методи на континентот не се познати од седумдесеттите години. Вакви методи на репресија! И ова е само увод во тоа што понатаму може да се случи,“ порача Мециновиќ.