(Видео) Новозаразените дошле со автобус, ќе се интервјуираат сите 40-тина патници

Фото: Б. Грданоски

Двајцата новозаразени со коронавирус се вратиле од Италија со автобус во кој имало уште 40-тина патници од Скопје, Куманово и Дебар. Министерот за здравство, Венко Филипче, кажа дека сите се идентификувани и откако ќе бидат лоцирани ќе бидат направени интервјуа со нив. Сепак, Филипче вели дека е мал ризикот за второлиниско пренесување на вирусот.

Двајцата новозаразени се од Дебар, брачна двојка, на возраст од 62 и 68 години кои стигнале од северна Италија на 27 февруари.

„Патниците кај кои е утврден вирусот при влез во земјава немале симптоми и за првпат се јавиле на 2 март кај матичен лекар кој не препознал индикации за коронавирус и ги пратил на домашно лекување, а денеска се јавиле во болница во Дебар, каде била поставена индикација“, рече Филипче.

Тие кажале дека откако се вратени имале контакт само со братот на жената. Со него ќе се направи интервју од страна на епидемиолизите за да се утврди дали само тој или и членови на семејството да се стават во изолација. Заболените се пренесени на Инфективната клиника во Скопје и имаат лесна клиничка слика со горна распираторна инфекција.

Филипче кажа дека се најдени имињата на сите патници.

„Најдени се имињата и матичните броеви на сите патници од автобусот и веќе од вечерва и утре патниците откако ќе бидат лоцирани ќе бидат интервјуирани и согласно податоците кои ќе ги дадат и анализа на контакти што тие ги имале ќе бидат преземени соодветни мерки“, рече Филипче.

Министерот кажа дека во најголем ризик се патниците кои седеле три реда зад и пред заболените.

„Многу е мал ризикот за второлиниско пренесување. Ниту ќерката ниту членови на фамилијата ниту сопатници од комбето со кое дојде првата пациентка немаат коронавирус“, рече Филипче.

Тој кажа и дека утре лично ќе разговара со матичниот лекар кој ги пуштил на домашно лекување двајцата заразени и кажа дека тоа е уште една причина да се укаже на важноста за сериозниот пристап кон сите пациенти.

Филипче уште еднаш упати апел до сите државјани кои се враќаат во земјава да даваат точни информации на граничните премини.

Тој информира дека групата туристи од Јапонија и Сингапур веќе се стигнати во земјава, преку преминот Девер Баир, од Романија, и дека сите се здрави.