(Видео) Нови Сад се збогува со панонскиот морнар: Факели на Дунав, тврдината осветлена со ликот на Балашевиќ


Илјадници граѓани во Нови Сад се збогуваа со панонскиот морнар, осветлувајќи го Дунав со факели, а тврдината со ликот на нивниот сограѓанин, музичката легенда Ѓорѓе Балашевиќ

 
„Ноќта кога Ѓоле го преплива Дунав“. Под ова мото, граѓаните на Нови Сад се збогуваат со својот најпознат сограѓанин. Во чест на покојниот легендарен кантавтор и музичар Ѓорѓе Балашевиќ, беше организирана манифестација „Ноќта кога Ѓоле го исплива Дунав“, што се одржува во Нови Сад во негова чест.

Илјадници фанови се собраа да му оддадат почит на Балашевиќ. Запалија фенери на бреговите на Дунав и факели во негова чест.

Собирот започна со неговата песна „Регрутска“, и продолжи со други хитови од неговиот богат музички опус. Белите цвеќиња беа положени насекаде на Кејот покрај Дунав, а луѓето пееја на мостот „Дуга“ кон тврдината Петроварадин, каде што беше проектиран ликот на Балашевиќ, објавија локалните медиуми.

Ѓорѓе Балашевиќ почина на 19 февруари по компликации предизвикани од пневмонија, а исто така беше позитивен на коронавирус.

Во најблискиот круг на семејството, тој беше погребан на 21 февруари во Нови Сад. Тој ден беше прогласен ден на жалост, а во текот на изминатите неколку дена од него се збогуваа во земјите од целиот регион каде што во повеќе градови беа запалени свеќи и се пееја неговите најпознати песни.