(ВИДЕО) Нова снимка од трагедијата во Москва: Авионот прво се одби од пистата, па потоа се запали


Откако вчера беа објавени снимки од внатрешноста на авионот, на кои се слушаат врисоци од патниците, денеска е објавена и снимка од безбедносните камери.

На снимката се гледа како авионот се обидува да слета, но удира на пистата од која се одбива, а потоа повторно удира на земја, по што задниот дел на леталото почнува да гори.

Агенцијата Итар-Тас јавува дека сите тела од авионот се превезени во мртовечница каде ќе бидат идентификувани.

За потсетување, 41 лице загина во несреќата на рускиот патнички авион Сухој Суперџет 100 во кој биле 73 патници и пет членови на екипажот. Авионот околу половина час по полетувањето од Шереметјево мораше присилно да слета назад на московскиот аеродром, а точната причина за несреќата се уште не е позната. Девет лица завршија во болница, додека 14 лица добија помош на лице место и не се хоспитализирани.

Објавена е уште една снимка која ја снимил некој од патниците, а на истата се гледа како гори крилото од авионот.

Првичните вести говореа само за повредени. Подоцна бројот на жртви се искачуваше, за руските медиуми подоцна да објават дека 41 лице се загинати, а 37 се преживеани.

Според првичните извештаи екипажот успеал да го приземји авионот од втор обид. По допирот со пистата авионот се запали.

Видеоснимките објавени на социјалните мрежи го покажуваат авионот во пламен. Веднаш по слетувањето, патниците се евакуирани со тобоган. Според „Си-ен-ен“, „Аерофлот“ соопштил дека патниците се евакуирани за само 50 секунди, додека „нормата“ е 90-тина секунди.

„Екипажот даде се од себе да ги спаси животите на патниците. За жал, не успеаја да ги спасат сите оние кои беа на летот. Капетанот последен го напушти авионот и изразува сочувство до семејствата на настраданите“, стои во соопштението на „Аерофлот“, компанијата во чија сопственост е авионот.

Причината за пожарот се уште не се знае, но се шпекулира за удар од молња. Руските медиуми пренесуваат дека така рекла една членка на екипажот. „Интерфакс“ пишува дека поради удар од молња на авионот му откажале командите и дошло до прекин на комуникацијата, но тие информации се уште не се официјално потврдени. Не е јасни дали во авионот веќе во воздух избил пожар.

„Летот Су-1492 полета според планот во 18:02. По полетувањето екипажот пријави проблем и донесе одлука да се врати на аеродромот“, објавија од аеродромот Шереметјево во соопштението.