(Видео) Норвежаните предупредени да се држат настрана од рускиот кит „шпион“


Норвешките власти го предупредија населението да избегнува контакт со познатиот кит белуга за да не биде случајно повреден или убиен.

Китот познат како Хвалдимир стана познат во 2019 година, откако беше забележан како носи специјален ремен и носачи за камера, што ги наведе експертите да веруваат дека можеби и припаѓа на руската војска, која можеби го користи за шпионажа.

Хвалдимир патува по норвешкиот брег од 2019 година и застанува на места, обично на фарми каде што може да фати риба за да се прехрани. Исто така, китот често следи чамци и „игра“ со луѓето што пловат. Сепак, тој е заштитен вид во Норвешка, а китот сега живее во внатрешниот Ослофјорд. Тоа значи дека тој пристигнал во густо населена област, поради што е во многу поголем ризик да биде повреден при контакт со луѓе или да биде убиен.

Досега имаше помали инциденти во кои китот беше полесно повреден, најмногу поради контакт со чамци, па властите побараа од луѓето да се држат на дистанца. Исто така, властите не ја разгледуваат опцијата за ставање на китот во заробеништво.

Експертите уште во 2019 година за Си-Ен-Ен изјавија дека се работи за тренирано животно и дека доказите покажуваат дека пристигнало од Русија. Кога бил забележан, носел појас со два држачи за GoPro камери, на кои пишувало дека се работи за опрема од Санкт Петербург. Китот, наводно, пристигнал кај Мурманск од Русија, откако бил обучен од руската морнарица, која е позната по тоа што работи со белуги за воени операции.