(ВИДЕО) Нема крај на лудилото во ЛШ, Ајакс испушти водство од 2:0, Тотенхем е во финалето


Нова луда завршница во Лигата на шампионите. Веројатно највозбудливата и најинтересната сезона во Лигата на шампионите ќе го добие својот епилог на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид, а за титулата ќе одлучуваат Ливерпул и Тотенхем.

Лондонските „спарси“ креираа нова сензација во Лигата на шампионите сезонава, откако по поразот на домашен терен од Ајакс, вечерва во Амстердам славеше со 2:3, буквално во последните секунди од натпреварот и тоа откако по првото полувреме Ајакс водеше со 2:0.

Натпревар кој изобилуваше со фантастични акции и шанси на двете страни, фантастични одбрани на голманите, па дури и рамките од голот не мируваа. Ајакс промаши еден куп шанси со кои можеше да го реши натпреварот многу порано, но Тотенхем го примени рецептот на Ливерпул и во второто полувреме влезе фуриозно, а тоа резултираше со победа на крајот.

Веќе во петтата минута Ајакс поведе со голот на капитенот Матијс Де Лихт, кој беше највисок по корнерот на Шене. Точно половина час подоцна Зијеш по асистенција на Тадиќ, кој и самиот имаше две фантастични шанси претходно, зголеми на 2:0.

По само десет минути игра во вториот дел Лукас Моура намалува на 2:1, а четири минути подоцна истиот играч го израмни резултатот.

По ова следуваше целосна офанзива на Тотенхем, имаа гостите од Лондон уште неколку шанси, по што Ајакс се консолидираше, успеа да дојде до здив, а притоа да создаде и уште неколку шанси, но не успеа да ги искористи, пред се Зијеш чии удари завршија во стативата, крај голот и во рацете на Лорис.

Тоа беше најава за луда завршница. Во последните пет минути од регуларниот дел се редеа шанси на двете страни како на филмска лента. Судијата Феликс Брих покажа пет минути надополнување, а кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши со 2:2 по последниот обид на Тотенхем од корнер и прераното славје на играчите на Ајакс, им се случи неверојатен потоп.

Херој на Тотенхем е Лукас Моура, кој во 95-та минута од мечот најдобро се снајде и ладнокрвно ја затресе мрежата на Онана за комплетирање на својот хет-трик и прв историски пласман на Тотенхем во финалето од Лигата на шампионите.

Ретко кој очекуваше дека Ливерпул ќе успее да ги надополни оние 3:0 од Барселона, но успеаја во тоа во 90 минути, уште помалку веруваа дека Тотенхем ќе успее да го анулира поразот од Лондон и негативата од два гола во Амстердам во само 45 минути, но и тие успеаја. Дефинитивно најлудата лига на шампиони ќе мора да заврши, а епилогот ќе биде познат на 1-ви јуни во Мадрид.