(ВИДЕО) Насобрани граѓани во еден здив ја пеат „Аве Марија“ додека гори Нотр Дам


Емотивно видео од вчерашниот собир на граѓаните пред катедралата Нотр Дам во Париз. додека 400 пожарникари се обидуваа да го изгаснат разбеснетиот пожар, граѓаните во еден здив ја пееја „Аве Марија“.

Големиот пожар што делумно ја уништи катедралата Нотр Дам во Париз, е целосно изгаснат, соопшти утрово портпаролот на париската противпожарна бригада, Габриел Плу.

Како што јави ДПА, тој нагласи дека претставници на службата за вонредни состојби проверуваат да не дошло до „евентуално поместување на структурата и ги гаснат остатоците што тлеат“.

Плу истакна дека сега на потег се експертите, кои треба да испланираат како да се консолидира 850 години старата камена градба.

По речиси деветчасовна борба со огнената стихија, пожарникарите утрово околу три часот го ставија пожарот по контрола, по што претпладнево тој е целосно изгаснат.

Би-Би-Си јави дека при гаснењето на пожарот потешко е повреден еден пожарникар.

Во меѓу време, градоначалничката на Париз, Ан Идалго најави дека ќе организира донаторска конференција за реконструкција на париската катедрала.

Неколку донатори веќе најавија дека ќе донираат пари за обнова на Нотр Дам. Така, регионот Иле де Франс, во кој се наоѓа и градот Париз, соопшти дека ќе додели 10 милиони евра, групата ЛВМХ на луксузни стоки на францускиот милијардер Бернар Арно ќе донира 200 милиони евра, а сопственикот на „Керинг“, Франсоа Анри Пино соопшти дека ќе издвои 100 милиони евра за Нотр Дам.

Причините за пожарот засега не се официјално утврдени, но Јавното обвинителство на Париз соопшти дека засега се исклучува можноста дека тој бил намерно предизвикан или дека станува збор за тероризам.

Пожарот избувна во време на реконструкција на катедралата, па постои можност причината за огнот да е поврзана со овие градежни активности. За реконструкцијата на Нотр Дам беа предвидени шест милиони евра.