(ВИДЕО) Наполи и Елмас го урнаа европскиот првак, Борусија и Барса ремизираа


Со вечерашните натпревари започнаа возбудувањата во новата сезона во Лигата на шампионите, а вниманието најмногу го привлекоа дерби пресметките во Неапол и Дортмунд.

Екипата на Наполи и нашиот репрезентативец Елиф Елмас го пречекаа актуелниот европски првак Ливерпул и на крајот славеа победа од 2:0.

По израмнетото прво полувреме, наполитанците дојдоа до победата со голови во последните десет минути од средбата. Најпрво Мертенс од пенал во 82. минута зголеми на 1:0, а во 92. минута Љоренте по една грешка на одбраната стрелаше за конечни 2:0. Нашиот Елмас мечот го започна од клупата за резерви, а шанса од Карло Анчелоти доби во 75. минута од мечот, а по неговото влегување клубот од Неапол ги постигна двата погодоци.

Во истата група Е Ред Бул Салцбург го пречека тимот на Генк и го демолираше со 6:2. Ова беше натпревар со најмногу погодоци вечерва, а австрискиот шампион конечно дочека да заигра во групната фаза од ЛШ и се претстави на најдобар можен начин. Веќе по првото полувреме домаќините имаа убедливи 5:1.

Халанд во 2. и 34. минута стрелаше за 2:0. Две минути пдооцна Хи Чан зголеми на 3:0. Луцуми во 40. минута намали на 3:1, а младиот Халанд во 45. минута го комплетираше својот хет-трик на мечот за 4:1. Во судиското надополнување Шобошлаи зголеми на 5:1.

Во второто полувреме, односно во 52. минута Самата стрелаше за 5:2, а конечните 6:2 ги постави Улмер во 66. минута.

Во второто дерби на вечерта, мечот помеѓу Борусија Дортмунд и Барселона, немаше голови и двете екипи ги поделија бодовите.

Ланскиот полуфиналист Ајакс го пречека тимот на Лил и славеше победа со 3:0. Промес во 18. минута стрелаше за водство на домаќините од 1:0, а во второто полувреме, поточно во 50. минута Алварез го зголеми резултатот на 2:0, а конечните 3:0 ги постави Таљафико во 62. минута.

Во истата група, Челзи во Лондон ја пречека Валенсија и забележа неочекуван пораз од 1:0. Победата на гостите ја обезбеди Родриго со гол во 74. минута, а Рос Баркли во 88. минута имаше шанса да го спаси својот тим од пораз, но промаши пенал.

Бенфика во Лисабон го пречека РБ Лајпциг, а германскиот тим на крајот се радуваше на победата. Тимо Вернер во 69. минута го отвори резултатот во корист на гостите, а точно десет минути подоцна истиот играч зголеми на 0:2. Конечните 1:2 ги постави Сеферовиќ во 84. минута од мечот.