(Видео) На улиците 200.000 Французи против епидемиолошките мерки, се судрија со полицијата


 

Повеќе од 200.000 демонстранти, од кои околу 14.000 во Париз, се собраа во повеќе француски градови во име на слободата, против мерките за сузбивање на пандемијата од корона вирус, трет викенд по ред, објави министерството за внатрешни работи.

Приведени се 19 луѓе, од кои десет во главниот град. Повредени се тројца припадници на силите на редот во Париз.

Со солзавец и водени топови на демонстрантите

Ситуацијата се вжешти доцна попладнето во престолнината, на плоштадот „Бастилја“, со доаѓањето на првите демонстранти. Полицајците со солзавец и со водени топови одговорија на демонстрантите кои врз нив фрлаа различни предмети.

Властите очекуваа дека на демонстрациите ќе се појават 160.000 луѓе, наведуваат француските медиуми, повикувајќи се на извори од полицијата.

Минатата недела токму толку луѓе протестираа против задолжителното вакцинирање здравствени работници и поради ковид-пасошите.

Кон средината на јули француската влада воведе строги правила поради порастот на бројот заболени.

Повеќе од 3.000 редари беа мобилизирани заради обезбедување на поворката, една недела откако демонтрантите ги преплавија Елисејските полиња, кон кои денеска беше забранет пристапот.

Демонстрации во Рен, Монпеље , Ница, Лил

Демонстранти се собраа и во другите градови во Франција, како Рен, Монпеље, Ница, Лил…

„Претседателот, пратениците, сентаорите, научниците и новинарите, сите се кукавици“, можеше да се прочита на транспарент. На друг пишуваше „Не сум заморче ни QR код“.

Францускиот парламент во неделата донесе одлука за воведување здравствени пасоши, со кои се потврдува дека нивниот носител е потполно вакциниран против Ковид-19, дека го преболел или негативен тест.

Тие, кои од 21 јули беа задолжителни за посета на културни и забавни случувања, од 9 август ќе бидат задолжителни и за посета на барови, саеми и ресторани, како и за патници во железничкиот сообраќај.

Во Франција расте бројот на заразени, најмногу во туристичките места, каде преовладува делта сојот. Во петокот во земјата пријавени се повеќе од 24.300 новозаразени.

Корона вирусот покоси 111.855 животи во Франција од почетокот на пандемијата.

Околу 85 отсто од тие во болница во Франција, меѓи кои и заболените на интензивна нега, не се вакцинирани, како и 78 отсто од починатите, покажа студија објавена во петокот.

Франција оваа недела го надмина прагот од 50 отсто потполно вакцинирани граѓани.