(Видео) Модерна со етноелементи : Слушнете ја евровизиската „You“


Фото: Б. Грданоски

Евровизиската „You“ во изведба на Васил Гарванлиев е модерна поп-песна, со етно призвук, прилагодена на сензибилитетот и вокалните способности на нашиот баритон кој на 12 години се сели со семејството во Чикаго, САД, а пред две години се враќа во Македонија, посветувајќи се на креирање автентична музика инспирирана од македонските корени.

-Од 250 песни пристигнати на повикот на МРТВ, „You“ на мене и на целиот евровизиски тим ни се допадна од прва, иако и јас конкурирав со неколку мои песни, изјави Гарванлиев вчера на првата прес-конференција на која медиумите први ја преслушаа евровизиската песна пред синоќешната премиера во 20 часот за целата јавност во Центалните вести на МРТ 2.

-Себе си се гледав во моќна балада, ама сепак избравме брза песна која е покана за танц, која се надевам ќе допре до сите. Пази што посакуваш, може да ти се оствари, рече вчера нашиот претставник на Евросонг во мај, во Ротердам, Холандија.

На преслушувањето, беше промовиран и видеоспотот, сниман во Скопје, и замислен како концептуален танц во кој Васил одлично се снаоѓа.

-Не случајно што прес-конференцијата ја закажавме на 8 март. Жените имаат клучна улога во мојот живот, почнувајќи од мајка ми, па сѐ до авторките на песните, шефот на евровизиската делегација Мери Попова која денес е на состанок на шефови на делегации во Ротердам- до Александра Јовановска, шеф на евровизискиот прес, изјави Гарванлиев, ланскиот пратечки вокал на Тамара Тодевска во Ерусалим.

-Од Васил допрва ќе се изненадувате. Со него снимивме во Холандија адреналинска разгледница за Македонија за да имаме уникатно претставување, изјави на пресот Јовановска.

Песната „You“ е авторско дело на Невенка Нешкоска (родена во Охрид, но порасната во Чикаго), работена заедно со нејзината сестра Калина Нешкоска, како и колешката од „Беркли“, Алис Шредер.

Гарванлиев ќе не претставува на првата полуфинална вечер на 12 мај. Редоследот на настапувачите во двете полуфиналиња (второто полуфинале е на 14 мај), некаде во март, дополнително ќе го соопштат продуцентите на ЕБУ.

Во првото полуфинале се извлечени и претставниците на Белорусија, Литванија, Шведска, Словенија, Австралија, Ирска, Русија, Норвешка, Кипар, Хрватска, Азербејџан, Малта, Израел, Украина, Романија и Белгија.

Во второто полуфинале настапуваат претставниците на Австрија, Молдавија, Полска, Сан Марино, Србија, Исланд, Чешка, Грција, Естонија, Данска, Бугарија, Швајцарија, Финска, Ерменија, Латвија, Грузија, Португалија и Албанија.

Десет финалисти од двете полуфиналиња ќе настапат на финалето на 16 мај, заедно со претставниците на големата Петорка и земјата домаќин-Холандија. Германија, Италија и Холандија ќе гласаат во првото полуфинале, а Англија, Франција и Шпанија во второто полуфинале .

Васил Гарванлиев и е познат на македонската публика уште од најраната возраст, кога на само седум години го испеа познатиот детски евергрин „Марионка“ на фестивалот „Златно славејче“.

Негово образование по соло и оперско пеење го стекнува на некои од најпрестижните музички школи во светот вклучувајќи ги „Академијата Лирика“ во Милано, престижниот Кралски Консерваториум и Оперската Школа при Универзитетот на Торонто во Канада. (Л.С.)

Фото: Б. Грданоски