(Видео) Маж од Финска пробал трик на минус 30 степени. Зовриена вода замрзнува во воздухот


Рекордно ниските температури оваа недела во Финска инспирираа турист да проба трик што отсекогаш сакал да го направи за време на одморот на Арктикот: да фрли врела вода во воздухот кога надвор е екстремно студено и да ја претвори во облак од ледена прашина.

Ова не е нешто што треба да се обидете освен ако температурите не се екстремно ниски, но на повеќето места на Земјата тоа ретко или никогаш не се случува.

Зовриената вода веднаш се претворила во леден облак

Лаури Унтамо, 49-годишен менаџер за продажба од јужна Финска, бил на одмор со пријателите во северната финска провинција Лапонија кога температурите паднале на -30 степени Целзиусови на Нова година.

„Сум видел видеа на социјалните мрежи или на Јутјуб дека е можно да се направи трик, но никогаш не било доволно студено за да го пробам на минус 30 степени или пониско“, изјави Унтамо за Ројтерс.

Тој рече дека загреал вода во неговата соба, брзо ја извадил и ја фрлил преку глава. Тој го преживеал обидот без да се изгори бидејќи водата веднаш се претворила во леден облак кој потоа исчезнал.

Екстремно студено време

Нордиските земји изминатите неколку дена се соочуваат со екстремно студено време, со температура од -44,3 степени Целзиусови, најниска во последните 25 години, забележана во петокот во Енонтекио, северно од Пјатунтури каде што беше Унтамо.

И покрај студеното време, Унтамо и неговата група пријатели уживаа во активности на отворено, како што се нордиско скијање и планинарење во шуми покриени со снег.

„Ја видовме дури и поларната светлина во текот на неколку ноќи, така што (може да се каже дека) Лапонија ни го даде најдоброто оваа недела“, рече тој.