(Видео) Макрадули ја обновува традицијата – Праќање честитки по пошта!


Пошта на Северна Македонија денеска објави видео како дел од кампањата за повторно враќање на традицијата за испраќање новогодишни честитки преку пошта. Директор на Пошта, Јани Макрдули порачува дека честитиките и подароците безбедно ќе стигнат до примателот.

На Фесјбук профилот на Пошта, новиот директор Макрадули, бара идеи како да се подобри работата на ова државно претпријатие. Некои му советуваа да испечатат поштенски марки со Дедо Мраз, Рудолф – црвеното носе и слично, што ќе биде интересно за луѓето, па ќе одлучат да пратат честитка за Нова Года по пошта. 

Макрадули додава дека имаат идеја да испечатат ретро-честитки за празниците и така да ја обноват основната функција на поштата.

„Денеска УО веќе донесе одлука за печатење на честитки со ретро дизајн, како и намалување и усогласување на дел од цените за испраќање новогодишни честитки и пакетчиња/подароци. Официјално објавуваме од утре“, пишува Макрадули.

Јани Макрадули, поранешниот заменик-министер за животна средина и просторно планирање беше именуван за генерален директор и претседател на Управниот одбор на АД „Пошта на Северна Македонија“, пред еден месец.

Тој дојде на местото на Ејуп Рустеми, кој замина на функцијата директор на ЈП за државни патишта.

Maкрадули ја наследи функцијата на ова јавно претпријатие кое е во големи долгови последните неколку години. Во меѓувреме, поради стечајот на Еуростандард банка „Пошта“ го загуби и платниот промет.