(ВИДЕО) Македонски автобус се запали на пат кон Јадранското Море


Автобус на превозникот „Хафет турс“, кој сообраќал на релација Скопје-Сплит, утрово околу 3 часот се запали во возење во близина на црногорското летувалиште Петровац. За среќа, во инцидентот нема повредени, сите патници успеале навреме да го напуштат автобусот кој е речиси уништен од пожарот, јавува порталот „Охрид њуз“.

– Иако беше непријатно, немаше паника. Многу луѓе спиеја, но по алармот за пожар веднаш почнавме да излегуваме еден по еден низ вратата на возачот бидејќи другите врати беа блокирани. Го напуштивме возилото и се оддалечивме на безбедно растојание. Во меѓувреме двајца од патниците веднаш се спуштивме во багажникот и спасени беа сите торби освен можеби една – вели патник од автобусот.

На местото на настанот брзо пристигнала локална противпожарна екипа која го изгаснала пожарот, а вознемирените патници од опожарениот автобус патувањето кон крајната цел го продолжиле со друго возило на компанијата.