(ВИДЕО) Лудило во второто полувреме во Баку: Челзи го демолираше Арсенал во финалето од ЛЕ


Екипата на Челзи дојде до својата втора титула во Лигата на Европа по шест години, откако вечерва во главниот град на Азербејџан, Баку, го совлада градскиот ривал Арсенал со убедливи 4:1.

„Сините“ во голем стил ја завршуваат сезоната, откако претходно со серијата победи го обезбедија третото место во Премиер лигата, а вечерва не му дозволија на Арсенал со триумф да обезбеди место во Лигата на шампионите следната сезона.

„Топчиите“ беа подобар противник во поголемиот дел од првото полувреме, избраниците на Унаи Емери ја имаа иницијативата, создаваа шанси, но не успеаја да ги искористат, а Челзи се разбуди кон финишот на првиот дел и во неколку наврати се закани кон голот на својот поранешен голман Петр Чех, но без реализација.

Сето тоа беше најава за вториот дел во кој ги видовме сите пет погодоци на натпреварот.

По само четири минути игра во второто полувреме Оливие Жиру по асистенција на Емерсон ја затресе мрежата на својот поранешен клуб за водство на Челзи од 1:0.

Во 60-тата минута Педро по асистенција на Еден Азар го зголеми водството на „Сините“, додека фантастичниот вечерва Белгиец ги постигна последните два гола на својот тим, најпрво преку пенал кој го изнуди Жиру, а потоа и по фантастичната акција со францускиот напаѓач во 72-та минута.

Во 69-тата минута Алекс Ивоби со фантастичен удар успеа да го постигне почесниот погодок за Арсенал на овој натпревар.