(ВИДЕО) Лудило на „Етихад“, пирова победа на Сити против Тотенхем, Ливерпул го декласираше Порто

Тотенхем и Ливерпул се последните полуфиналисти во Лигата на шампионите по вечерашните реванш четвртфинални пресметки.

На „Етихад“ во Манчестер се одигра вистинска драма и неверојатен меч. Манчестер Сити успеа да го победи Тотенхем со 4:3, но тоа беше залудно со оглед на тоа дека Тотенхем славеше на првиот натпревар во Лондон со 1:0, па благодарение на головите на гостински терен избраниците на Маурисио Покетино се пласираа во полуфиналето каде ќе се соочат со Ајакс.

Лудилото во Манчестер го најави Стерлинг со голот во четвртата минута од натпреварот. Сепак, само три минути подоцна Сон постигна злато вреден гол за гостите, а истиот играч веќе во 10-та минута од мечот стрелаше за предност од 1:2.

Само една минута му беше доволна на Манчестер Сити да го израмни резултатот преку Бернардо Силва, а Рахим Стерлинг со својот втор гол на натпреварот веќе во 21-та минута донесе предност од 3:2 за „Граѓаните“.

Лудото темпо траеше во текот на целото прво полувреме, двете екипи имаа голем број шанси, особено Сити, но резултатот не се менуваше до полувремето.

Во вториот дел Сити тргна уште посилно кон голот на Лорис, а иницијативата се исплатеше во 59-та минута кога Серхио Агуеро ја затресе мрежата за 4:2 и резултат кој ги водеше домаќините во полуфиналето.

По ова, темпото на натпреварот опадна, Тотенхем мудро чекаше грешка на домаќините, а во 73-та минута Љоренте беше највисок во скокот и погоди за 4:3. Судијата Чакир ја прегледуваше ВАР снимката поради можно играње со рака, но турскиот арбитар покажа на центарот и го призна голот на гостите.

Сити продолжи да притиска и да бара петти гол на натпреварот, а истиот дојде во третата минута од судиското надополнување, кога Рахим Стерлинг погоди за огромен делириум на трибините, но и овојпат ВАР беше во главната улога, а на крајот Чакир досуди офсајд поради Серхио Агуеро.

Со овој резултат Тотенхем се пласираше во полуфиналето каде ќе се соочи со Ајакс.

Во Порто, Ливерпул го потврди својот пласман во полуфиналето со нова, убедлива победа против домаќинот Порто. Иако португалскиот состав беше се чини подобар и поконкретен противник на овој натпревар, особено во првиот дел, Ливерпул сепак успеа да дојде до победа од дури 4:1.

Садио Мане во 26-та минута го отвори резултатот, а со 1:0 се замина и на паузата. Во вториот дел, Порто тргна агресивно кон голот на Алисон, имаше иницијатива, но по погодокот на Салах во 65-та минута, се распадна и играта на домаќините.

Едер Милитао во 69-та минута успеа да намали на 1:2, но по ова само Ливерпул беше екипата која напаѓаше, па до крајот гостите постигнаа уште два гола, прво преку Фирмино во 77 минута, а потоа и преку Ван Дајк во 84 минута.

Ливерпул во полуфиналето ќе се соочи со екипата на Барселона, што ќе биде вистинско финале пред финале, а победникот од овој двомеч сигурно ќе биде голем фаворит во финалето каде ќе игра против победникот од двомечот меѓу Ајакс и Тотенхем.