(ВИДЕО) Ливерпул не успеа да направи ново чудо, Манчестер Сити повторно е шампион


Екипата на Манчестер Сити успеа да ја одбрани титулата во Англија со победа во последното коло од Премиер лигата.

„Граѓаните“ под водство на Пеп Гвардиола ја запишаа 14-тата победа во низа и сосема заслужено на крајот се радуваат на трофејот кој ќе остане во нивна сопственост и следната сезона.

Во пресрет на последното коло постоеше само една дилема во Англија, а тоа е дали шампион ќе остане Манчестер Сити или по цели 29 години Ливерпул повторно ќе го заземе тронот.

„Црвените“ од „Енфилд Роуд“ победија против Вулверхемптон на домашен терен, но Манчестер Сити со убедлива победа од 1:4 на гостувањето кај Брајтон сам си ја заврши работата и не дозволи да се слави уште еден голем триумф во Ливерпул.

За пулените на Јирген Клоп останува утеха дека ќе играат во финалето од Лигата на шампионите и се уште се во игра да ја крунисаат фантастичната сезона, додека пак Манчестер Сити ќе оди на тројната круна во англискиот фудбал, подвиг кој никој досега не успеал да го направи, односно да ги обедини трофеите од Премиер лигата, ФА Купот и Лига Купот во една сезона.

На крајот, Манчестер Сити е шампион со 98 бода, Ливерпул е втор со бод помалку, Челзи е третопласиран со 72 бода, Тотенхем е четврти со 71 и овие четири екипи ќе играат во Лигата на шампионите следната сезона. Арсенал заврши како петти со 70 бода, а шансата за ЛШ ќе ја бара преку триумф во Лигата на Европа, додека Манчестер Јунајтед заврши како шести со 66 бода.

Од Премиер лигата испаднаа Кардиф, Фулам и Хадерсфилд.