(ВИДЕО) Ливерпул го совлада Челзи и ја продолжи трката за титулата


Фудбалерите на Ливерпул дојдоа до голема и важна победа против Челзи на домашен терен во 34-тото коло од Премиер лигата.

Голема победа за Ливерпул, „Црвените“ успеаја да слават против гостите од Лондон на својот „Енфилд Роуд“ со 2:0 и со тоа се вратија на врвот на табелата, а воедно ја елиминираа и најтешката пречка на патот кон титулата до крајот на сезоната, со што шампионската трка со Манчестер Сити сигурно ќе биде и повеќе од возбудлива.

Во првото полувреме немаше голови, но имаше помали возбудувања на двете страни кога се закануваа Мане и Салах, односно Азар и Вилијан, но немаше промена на резултатот.

Во второто полувреме Ливерпул тргна во својот препознатлив стил, а тоа се исплати по само неколку минути.

Се играше 51. минута, кога Хендерсон доби топка од Салах во шестнаесетникот и веднаш ја префрли на другата статива, а таму осамен беше Мане, кој со глава ја затресе мрежата на Кепа за огромна радост на домашните навивачи.

Страстите не се смирија, а веќе следуваше нов погодок. Мохамед Салах упати проектил од 25 метри, ги изненади сите, а неговиот силен удар заврши во мрежата на Челзи за „експлозија“ на целиот стадион.

Следуваа две добри шанси за Челзи, но Еден Азар не успеа да искористи ниту една од нив.

До крајот немаше промена на резултатот, па така Ливерпул сега е повторно прв, со два бода повеќе од Манчестер Сити, но и натпревар повеќе од „Граѓаните“.

Челзи доживеа тежок удар во борбата за местата кои водат во Лигата на шампионите. „Сините“ од Лондон остануваат четврти, но со два бода повеќе од Јунајтед и натпревар повеќе, односно три повеќе од Арсенал кој има два натпревари помалку.